Останато

Обичните граѓани – колатерална шетета на партиските ботови на социјалните мрежи

Бобан Илијевски

Еден мој професор на факултет, во еден наврат додека предаваше на тема, на којашто не се сеќавам точно, рече дека во денешно време луѓето имаат два идентитети. Едниот е реалниот, оној којшто го прави да биде личност којашто по своите верувања, изглед, навики, маани, го прави да биде различен од другите – а другиот е виртуелниот, односно оној преку којшто се претставува на социјалните мрежи. Овие негови зборови, долго време тлеат во мојата глава, па решив да дадам едно мое размислување и согледување. Мислам дека е од голема важност да се зборува на оваа тема, бидејќи виртуелниот свет е во голем дел навлезен во нашите животи, како од приватен, така и од професионален аспект.

Се сеќавам дека кога бев средношколец и кога за првпат направив своја Фејсбук сметка (Facebook account), мислев дека на тој начин ќе можам да се претставам во поинакво светло на луѓето коишто ќе ги „запознам“ преку оваа социјална мрежа. Мојата претпоставка тогаш беше дека можам да направам да изгледам многу „по кул“ отколку што бев во реалност. Тоа беше всушност моментот кога јас го креирав мојот виртуелен идентитет. По краток период сфатив дека не можам да се преправам во некој којшто не сум, бидејќи на крајот на кравите, ќе дојдев во ситуација со некои од моите „виртуелни“ пријатели да се запознам во живо, со што ќе се дознаеше дека само сум се преправал. Мојот виртуелен идентитет настана поради причини коишто не би сакал да ги споделувам тука, заради тоа што не би сакал да откријам лични работи, а и плус нема потреба да ве оптоварувам со некакви мои детски размислувања, на кои кога сега ќе ми текне, не ми е јасно зошто сум размислувал на тој начин. Нејсе, суштината на ова писание е за виртуелниот идентитет. На пример, виртуелен идентитет имаат сите ботови коишто се платени од страна на политичките партии да шират говор на омраза, нетолеранција, страв и паника помеѓу луѓето, со цел да се освојат политички поени. Понекогаш мислам дека тие коишто стојат зад лажните профили коишто ги прават горенаведените работи, имаат само виртуелен идентитет, поради тоа што го изгубиле вистинскиот, а со тоа го изгубиле и своето достоинство и интегритет. Тука би сакал да појаснам дека не зборувам за настанот од пред неколку дена и сите збиднувања после него и дека не напаѓам конкретна политичка партија, туку зборувам за сите, бидејќи сите имаат свои ботови.

Некогаш е доволно само да се прочитаат објавите и коментарите на Фејсбук и твитовите и коментарите на Твитер, за да стане се јасно. Забележав дека има луѓе со виртуелен идентитет коишто само пишуваат пцости. Има и такви коишто на пофилозофски начин се обидуваат да пропагираат нешто, односно тоа го прават суптилно. Некои се директни пропагатори. Постојат и такви, коишто бранат нешто што не може да се одбрани. И тие може да се поделат на две групи – едните го прават тоа суптилно, а другите директно. Сметам дека психолозите би можеле да направат една добра анализа од сите типови и субтипови на виртуелни идентитети.

Сите овие девијантни појави наштетуваат едниствено на граѓаните коишто поради преголемо верување во се што ќе напишат овие ботови, се вртат едни против други и со тоа се само колатерална штета. Затоа имаме и толку поделби во нашето општеството.

Поради тоа што јас најмногу го користам Фесјбук, можам да кажам дека во последен период, односно неколку години наназад, имам чувство дека оваа социјална мрежа не е повеќе место за поврзување на луѓе и правење на пријателства, туку е едно бојно на кое секојдневно се разменуваат куршуми. На некои им служи за да наведуваат на нешто или да пропагираат, додека на други им служат да шират говор на омраза и нетолеранција, во најголем дел на партиска, етничка и верска основа.

Мислам дека нема потреба да објаснувам зошто се прави сето ова, јасно е како ден, но ќе нафрлам само два збора – ПАРИ и КОРИСТ.

Јас лично ја користам оваа социјална мрежа чисто само професионално, со оглед на тоа дека ми треба за работа. Во секој друг случај, одамна ќе се откажев од неа. Фејсбук, како и сите други социјални мрежи треба да земат во предвид да ги спречуваат ваквите појави коишто прават само штета врз луѓето.