ОВА СЕ НАЈБАРАНИТЕ ВЕШТИНИ ОД СТРАНА НА РАБОТОДАВАЧИТЕ ВО ОВОЈ ПЕРИОД
Подготивил: Бобан Илијевски
Наведувањето на вашите вештини на крајот од CV-то може да звучи како лоша идеја, но тој дел од CV-то е поважен отколку што мислите, особено ако се надевате да бидете вработени во скоро време.
Најголемиот дел од компаниите (76 %) ги вработуваат кандидатите за работа врз основа на нивните вештини, а повеќе од половина (56 %) користат тестови за оценување на тие вештини, покажува истражувањето на TestGorilla, технолошка компанија за човечки ресурси со седиште во Амстердам.
Бројките погоре се од октомври 2022 година и се произлезени од анкетата спроведена на 2,736 вработени во САД, Обединетото Кралство и други земји.
Сепак, вештините кои менаџерите за вработување ги побаруваат константно се менуваат – техничките, како аналитика и продажба и меките вештини, како лидерство и комуникација – стануваат се‘ повеќе популарни во последните години, покажува едно истражување на LinkedIn.
За да им помогне на барателите на работа кои вештини да ги наведат во нивното CV, LinkedIn ги посочи десетте најбарани вештини од страна на работодавачите во овој период.
Овие вештини биле најчести во описите на работните позиции за отворени и платени работни места помеѓу април и октомври 2022 година на LinkedIn и биле најчестите вештини кои ги имале на својот профил луѓето кои биле контактирани или вработени од страна на регрутери.
Во прилог следуваат топ 10 најбарани вештини според LinkedIn (целиот извештај можете да го прочитате тука).
- Менаџирање
- Комуникација
- Услужување на клиенти
- Лидерство
- Продажба
- Менаџирање на проекти
- Истражување
- Аналитички вештини
- Маркетинг
- Тимска работа
Менаџирањето е на прво место, а тоа се должи на трагањето на компаниите по луѓе кои ефективно можат да го водат тимот со недоволен број на вработени, во ек на проблематичен пазар на труд. Овие лидери треба да бидат и адаптабилни во случај на економска рецесија.
„Се соочуваме со најнесигурните економски услови досега. Компаниите бараат луѓе кои ќе опстојуваат во такви услови“, вели Ендру Меккаскил, експерт за кариера од LinkedIn.
Техничките вештини се од големо значење за многу работни позиции, но недостатокот од меки вештини може да биде пресудно за тоа дали ќе ја добиете работата или не. Меките вештини како тимска работа, комуникација и решавање на проблеми се особено важни за професионалците кои работат во хибридна работна средина, вели Меккаскил.
„Способноста да се адаптирате и вклучите и со луѓето со кои секојдневно соработувате и со оние со кои немате често контакт, соодветно, е навистина важна вештина“, рекол тој. „Но, ова е вештина која тешко се усовршува низ разните технологии, каде работите можат лесно да се изгубат по пат, но ако можете да се усовршите во такви услови, тогаш ќе му бидете од голема важност на секој тим“.
Важно е да се напомене дека барателите на работа не мора да ги вклучуваат сите вештини од листата на LinkedIn во нивните апликации за работа за да бидат успешни во потрагата. На пример, медицинска сестра не мора да наведе дека има искуство во продажба.
Сепак, важно е да се обрне внимание на тоа кои вештини се бараат за работната позиција преку детално читање на нејзиниот опис, веб страната на компанијата или пак преку поврзување со луѓето кои работат на такви работни позиции.
(CNBC)
Фото: Freepik

