НовостиСветот на работникот

Онлајн настан за дуалното високо образование и неговото влијание врз младите

   Време за читање 2 минути

Онлајн разговор на тема „Дуално високо образование – иднина на младите” со вклучување во живо во Сојузна Република Германија вечер ќе се одржи во рамките на Глобалната недела на претприемништво (ГНП),  реализирана од Стартап Македонија.

Главниот фокус на настанот ќе биде ставен на претставување на моделот на германско дуално високо образование и неговата имплементација во нашата држава. Хајделберг Факултет во Скопје е првата високообразовна институција од овој тип за земјите од Западен Балкан, која ќе им ги отвори вратите на младите кон професионалниот и академски бизнис свет.

Од следната академска година 2023/24, оваа високообразовна установа со уникатен пристап ќе ја интегрира теоријата со праксата, по примерот на државниот дуален универзитет од Манхајм и под нивно менторство и вклучување со програми, образовен кадар (50 отсто од професорите на Факултетот), евалуација и екстерно тестирање за гаранција на квалитетот и дуалноста на студиите. Воедно, планирани се теренски посети, екскурзија и студентски размени, како и финални активности за докомплетирање на едукативните процеси и стекнување на државна германска диплома, покрај македонската, со 210 ЕКТС.

Преку додипломските студии за „Бизнис администрација: Банкарство, финансии и контролинг”, „Софтверско инженерство: Дата и компјутерски науки” и „Мехатроника”, 90 матуранти ќе ја имаат можноста додека студираат да учат и работат со ментори-практичари со долгогодишно работно искуство во индустријата, да следат академска настава и да работат во компании кои ќе инвестираат во нив и нивната иднина.

ГНП е програма на Глобалната мрежа на претприемништво (ГМП), која има за цел преку настани кои истовремено се одржуваат во околу 180 земји ширум светот да иницира зголемување на дијалогот меѓу општествените чинители за развој и унапредување на претприемништвото. Официјалните теми за годинашната ГНП се образование, инклузивност, креирање на јавни политики за подобрување на претприемништвото, како и градење на партнерства во рамки на екосистемот за поттикнување на развојот на претприемништвото.

Оваа година, ГНП ќе се одржи од 14 до 20 ноември, во  организација на Асоцијацијата Стартап Македонија, Академијата за банкарство и информатичка технологија – АБИТ и Институтот за Бизнис Менаџмент Хајделберг Скопје.