Вести

Отворени сме за предлог измени за перманентно вработување на странци во Македонија, велат од МТСП за Работник

Бобан Илијевски

Вчера од Сојузот на стопански комори порачаа дека државата треба да ги олесни процедурите за вработување на странски државјани во Македонија. Редакцијата на порталот Работник се обрати до ресорното Министерство за труд и социјална политика во чија надлежност се законите од областа на трудовата легислатива, од каде побараме коментар токму за барањата на Сојузот.

Од МТСП истакнаа дека последните измени на Законот за вработување и работа на странци кои биле направени во 2021 година, во голема мера ја олесниле можноста за давање на краткотрајни услуги до 60 дена од страна на странски физички лица за правни субјекти во Македонија.

Доколку станува збор за перманентна потреба од вработување или упатување на странски работник, велат од МТСП, отворени се за предлог сугестии за олеснување на овие процедури.

Од ресорното Министерството дополнија дека во нивните краткорочни планови спаѓа и подобрувањето на Законот за вработување и работа на странци и за таа цел, како што велат, планираат во наредниот период да ангажираат експерт од Европската унија за да им помогне во подготовката на измените на новото законско решение.

Ги прашавме и за тоа дали планираат да ги земат во предвид овие барања и да поднесат измени на законските решенија, на што од МТСП одговорија дека до овој момент од страна на Сојузот не се пристигнати конкретни барања за измени на законските решенија.

Секако, МТСП во насока на долгогодишната одлична соработка со Сојузот како и со Коморите ја изразува спремноста за отварање на било какви процеси кои на крајот би резултирале со подобрување на климата на пазарот на труд и задоволување на потребите од неопходна работна сила, велат од МТСП.

МТСП објасни дека во овој момент Законот за странци и Законот за вработување и работа на странци ги покриваат прашањата околу вработувањето на странски државјани. Согласно постојните законски решенија, велат од таму, странците кои сакаат да се вработат или да работат во Македонија, треба да добијат единствена дозвола за престој по основ на работа која се издава од страна на Министерството за внатрешни работи, по претходно добиено позитивно мислење во постапката од страна на Агенцијата за вработување.

На ресорното Министерство му го поставивме и прашањето за тоа какви би биле измените кои би требало да се направат за да се олесни процедурата за вработување на странци во Македонија. Од таму ни рекоа дека и во минатото МТСП при носењето на било какви измени на Законите кои се во нивна надлежност, било водено од задоволување на потребите на работодавачите од странска работна сила, како и во надминување на проблемите со кои се судруваат во процесот на имплементација на постојните законски решенија, притоа имајќи ги во предвид постојаните Директиви и Регулативи на ЕУ во оваа област.

Отаму било кави барања од било која страна првично треба да се разгледаат во рамки на работна група составена од заинтересираните страни кои на крајот од процесот ќе треба да предложат до собранието одредени Законски измени, истакнаа од МТСП.

 

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk