МакедонијаСиндикат

Пензионерскиот синдикат го поддржува барањето за линеарно зголемување на пензиите

Пензионерскиот синдикат на Македонија (ПСМ) кој ги здружува пензионерите од целата земја се приклучува кон барањето за линерано усогласување на пензиите. Пензионерскиот протест го поддржуваме поради оправданиот револт кај пензионерите од енормното покачување на платите на функционерите од 78%.

Незадоволството на пензионерите исто така е предизвикано и од високата инфлација и високите цени на прехрамбените производи кои се неопходни за живот на пензионерите, а растот на пензиите од 2019 година наваму е минимален.

Статистиката покажува дека за една година најмногу поскапела храната. Лебот и житата се продаваат по зголемена цена за над 24%, слично како и месото. Млекото, сирењето и јајцата над 23%. Овошјето и зеленчукот за околу 10%.

Пензионерскиот синдикат од самото формирање се бори за подобрување на стандардот на пензионерите и овозможување на пристоен и достоинствен живот.

Статистичките податоци покажуваат дека во Македонија повеќе од 176.000 пензионери примаат пензија пониска од минималната плата, односно повеќе од половина од пензионерите се приматели на пензија пониска од минималната плата, која не ги задоволува основните животни потреби земајќи го во предвид енормното покачување на трошоците за живот.

Доколку ги споредиме просечните пензии во 2021 и 2023 година со висината на минималната плата, гледаме дека во мај 2021 година просечната пензија е повисока од минималната плата за 682 денари, а во мај 2023 година споредбено со минималната плата, просечната пензија е пониска за 1.125 денари.

Пензионерскиот синдикат на Македонија се залага и бара од надлежните институции да се спроведе законско решение со кое просечната пензија ќе биде 60% од просечната нето исплатена плата, а сите пензии линеарно да се корегираат.

Просечната нето исплатена плата за месец мај 2023 година изнеува 36.465 денари. Доколку се применува нашето предложено законско решение просечната пензија да биде 60% од просечната плата, просечната пензија би изнесувала 21.879 денари. Разликата би изнесувала 2.829 денари од пензијата исплатена во мај 2023 која изнесува 19.050 денари.

Тоа би значело дека ПСМ предлага линерано усогласување на сите пензии за 2.829 денари.