Перчаковски од КСС на конференција за праведна транзиција: Неопходно е насочување на инвестиции што ќе поттикнат локален економски развој и ќе обезбедат нови работни можности
Фејсбук статус на Конфедерацијата на слободни синдикати:
📍Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) од 01 до 03 октомври учествуваше на регионалниот настан „Праведна транзиција и Национално утврдени придонеси – Премостување на климатската амбиција и социјалната правда“, кој се одржа во Будимпешта, со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и Друштвото за меѓународна соработка (GIZ).
На тридневниот настан, претставници од владите, синдикатите и работодавачите од Северна Македонија, Србија и Црна Гора се собраа за да разговараат за предизвиците и можностите што ги носи праведната транзиција кон економии со ниски јаглеродни емисии. Акцентот беше ставен на социјалната правда и сигурноста на работниците.
👤Претставникот на КСС, Васко Перчаковски, во своето излагање ги изложи основните ставови и начела на КСС во однос на зелената транзиција.
„КСС посветува посебно внимание на регионите кои најмногу ќе бидат погодени од затворањето на енергетските капацитети, како што се Пелагонискиот и Кичевскиот регион. Неопходно е насочување на инвестиции што ќе поттикнат локален економски развој и ќе обезбедат нови работни можности. Зелените работни места мора да гарантираат пристојна плата, безбедни услови за работа, социјална заштита, како и еднакви можности за жените и мажите “, истакна Перчаковски.
📄КСС во своите прелиминарни препораки и барања препорачува формализирање на учеството на синдикатите во сите фази на креирање и спроведување политики поврзани со зелената транзиција, како и нивно активно вклучување во новоформираниот Совет за праведна транзиција.
Заклучокот од настанот нагласи дека воспоставувањето социјален дијалог како темел на донесувањето политики поврзани со климатските промени претставува клучен предуслов за спроведување на амбициозно и праведно климатско дејствување.
🔗Повеќе информации можете да прочитате на линкот: https://shorturl.at/j5PFm

