ИнтервјуаМакедонијаНовостиСиндикат

Пешевски: Дел од градежните компании им ги намалија платите на работниците, а дел издвоија повеќе средства

   Време за читање 12 минути

Во градежниот сектор имавме поплаки само од две компании и тоа ДГ Бетон АД Скопје од градежниот сектор и Мермерен Комбинат АД Прилеп од индустријата за градежни материјали. Што се однесува на приговорите на вработените од овие компании, нив им беа намалени платите поради Ковид криза, а сведоци бевме дека компаниите и вработените работеа под полна пареа и не осетија, барем работодавачите во градежниот сектор и индустријата за градежни материјали, никаква Ковид криза, бидејќи наспроти нив имавме компании како ГД Гранит АД Скопје и Цементарница УСЈЕ АД Скопје кои па доделуваа повеќе средства од планираните за еден вид социјална заштита и мала поткрепа во смисла на кризата која ги опфати сите па голем дел од платите на луѓето и не стигнуваа само за витамини во овој период. Генерално сликата не беше променета пред и сега за време на кризата од пандемијата барем во градежниот сектор и индустријата, вели Заменик Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП, Иван Пешевски во интервјуто за Портал Работник.

Целосното интервју во продолжение:

Работник:Градежниот сектор, според податоците на Институтот за јавно здравје и Македонското здружение за заштита при работа бележи една од најголемите стапки на несреќи при работа. На што се должи високата стапка на несреќи според Вас? Што би требало да се направи за истата да се намали?

Пешевски: Точно е тоа дека секторот градежништво статистички има најголем број на повреди и жртви. Најпрвин тоа се должи на високо ризичните работни места, изложеноста на надворешни влијанија, замор на работниците, несоодветна лична заштитна опрема како и ненавремено проверен алат и механизација. Што се однесува на горенаведеното најголема обврска најпрвин имаат работодавачите да го обезбедат тоа, па потоа работниците да го применат. За жал, дел од работниците и не се свесни дека можат и мораат да одбијат работа која е несигурна по нивната безбедност, но честопати тоа не го прават и настануваат повреди. Слабиот инспекциски надзор дозволува да овие работи течат секојдневно и работниците буквално да загинат на своето работно место. Истото да би се променило, најпрвин мора да имаме совесни работодавачи кои ќе обезбедат се‘ согласно Закон и подзаконски акти за БЗР како и обучени и квалификувани работници. За крај и инспекцијата од областа на трудот да постапува при примена на Законите и соодветно да делува, но за жал во моментов тоа не го прават.

Работник: ССМ излезе со податок дека примиле 80,000 поплаки за прекршување на работничките права. Колку од нив се во градежниот сектор? И за кои права од работен однос се најголемиот дел од поплаките во овој сектор?

Пешевски: Најпрвин сакам да појаснам околу борјот на поплаки тоа е вкупен број работници но пооделно од компании буквално од сите сектори и дејности во државата. Во градежниот сектор имавме поплаки само од две компании и тоа ДГ Бетон АД Скопје од градежниот сектор и Мермерен Комбинат АД Прилеп од индустријата за градежни материјали. Што се однесува на приговорите на вработените од овие компании, нив им беа намалени платите поради Ковид криза, а сведоци бевме дека компаниите и вработените работеа под полна пареа и не осетија, барем работодавачите во градежниот сектор и индустријата за градежни материјали, никаква Ковид криза, бидејќи наспроти нив имавме компании како ГД Гранит АД Скопје и Цементарница УСЈЕ АД Скопје кои па доделуваа повеќе средства од планираните за еден вид социјална заштита и мала поткрепа во смисла на кризата која ги опфати сите па голем дел од платите на луѓето и не стигнуваа само за витамини во овој период. Генерално сликата не беше променета пред и сега за време на кризата од пандемијата барем во градежниот сектор и индустријата.

Работник: Компаниите од градежниот сектор велат дека доколку измените на Законот за работни односи во делот на недела како неработен ден важат и за овој сектор, тоа ќе ја намали продуктивноста на компаниите, а со тоа би се зголемиле и шансите за отпуштања на работниците од овој сектор. Како гледате на ова? Кој е Вашиот став за недела како неработен ден?

Пешевски: Недела мора да биде неработен ден за градежните работници. Ние не добивме ниеден конкретен одговор од работодавачите доколку не работат во недела колку ќе изгубат. Секако имаме на ум дека одредени работодавачи се обврзани со рокови за изведба на одредени проекти кои пак за возврат обезбедуваат и плата за вработените, но тука обзир треба да има и државата. Напротив, сметам дека и продуктивноста би била поголема доколку овие работници во недела одморат, бидејќи говориме за живи луѓе, а не машини. Не може човечкиот живот да се спореди со механизација во индустријата која работи 365 дена постојано. Мора да се знае дека само одморен и работник во безбедни услови ќе даде резултати за работодавачот. Имајќи ги во предвид и платите кои се исплатуваат во градежниот сектор, морално и одговорно тврдам дека нема ништо да се промени во секторот доколку овие работници одморат во недела и уште еден ден во неделата. Голем дел од нив се злоупотребени и работат непријавени прекувремено без никаков надомест. Голем дел од повредите и жртвите се токму и во тие часови. Еднаш засекогаш мора да разберат работодавачите дека нема ништо поважно од човечкиот живот, бидејќи и самите знаат колку чини повреден работник дома. Нема профит од тој работник од една страна, а има трошоци за лекување од друга страна. Затоа настојуваме и ќе настојуваме да безбедноста и здравјето при работа бидат приоритетни кога се овие работници во прашање. Токму затоа и ја продолжуваме кампањата “ДА РАБОТИМЕ БЕЗБЕДНО И ЗДРАВО Е НАШЕ ЛЕГИТИМНО ПРАВО” , бидејќи здравите и безбедни работни места спасуваат животи.

Работник: Како функционира СГИП, како синдикат во приватниот сектор? Што според Вас би требало да се направи за да се зајакне синдикалното организирање во приватниот сектор?

Пешевски: Отсекогаш СГИП бил единстваен репрезентативен синдикат на работниците од градежниот сектор и како таков е до ден денешен. Здружени сме во ССМ каде преку Економско-социјалниот совет имаме можност да ги кажеме нашите ставови и мислења. Генерално синдикалното организаирање во приватниот сектор е проблем поради недостаток на знаење, би рекол, на одредени работодавачи и со мислења дека Синдикатот е синоним за штрајк, па оттука и стравот. Работниците сами по себе тешко се организираат поради притисок од работодавачите од една страна и стравот од загубата на работното место од другата страна. Повторно ќе кажам поради изгубена доверба од институциите на системот, особено трудовиот инспекторат кој треба да ги заштити по нивна или наша пријава. Треба да се прават повеќе округли маси и состаноци помеѓу претставниците на работодавачите и синдикатите за да се доближи на еден начин синдикатот до нив и да се уверат дека сме само подадена рака за подобро утре на сите во државата. Ова го кажувам од пракса во која ниедна компанија каде СГИП има членови немале проблем со синдикатот и работите ги решаваме отворено со дијалог, а не со штрајкови и лажни ветувања. За таа цел ги охрабрувам сите чинители да пристапат кон ваков метод на дијалог и да придонесуваме секојдневно работите да се менуваат на подобро од што на крајот на денот корист покрај работниците ќе имаат и работодавачите.

Работник: Една од заложбите на СГИП е воведување на бенефициран стаж за градежните работници? Што е последно актуелно околу ова прашање? Дали сте отвориле дискусија со надлежните органи околу истото? Доколку да, каков е нивниот фидбек?

Пешевски: Оваа иницијатива на СГИП е од месец Ноември 2012 – та година. Навистина е жално што остана нереализирана до денес и покрај повторното отворање на ова прашање со актуелната власт. Остана сработено, а непотпишано буквално од двете партии на власт од тоа време до денес и покрај најавата дека ќе биде реализирано, бидејќи нема една причина да не биде. Ова го кажувам дека нема причина, бидејќи кога се изготвуваше документот во него покрај нас како предлагачи и изготвувачи, учество земаа сите засегнати страни и претставници од работодавачите и претставници на власта. Сите работни места кои ги издвоивме буквално заслужуваат и повеќе од бенефициран стаж, но тоа не се случи и Правилникот остана непроменет. Да повторам како што ме прашувате, фидбек нема до денес и покрај заложбите на СГИП и сите заинтересирани страни тоа да се реализира.

Работник: Освен барањето за воведување на бенефициран стаж, дали СГИП има други барања во однос на унапредувањето на работничките права, до работодавачите и државата?

Пешевски: Сите барања кои ги имаме како грански синдикат одат преку Сојузот на синдикати на Македонија, а можам да кажам дека сите предлози на СГИП веќе се прифатени и се дел од преговорите во Законот за безбедност и здравје при работа и Законот за работните односи. Што се однесува на унапредување на останати права од работен однос, истите гледаме да ги преточиме во колективните договори на ниво на работодавач и досега истите се почитуваат. Нормално секогаш може подобро и повеќе и затоа постојано преговараме и сме составен дел од социјалниот дијалог на сите нивоа.

Работник: Какви се Вашите очекувања во однос на одливот на градежните работници, по завршувањето на корона кризата?

Пешевски: Сметам дека нема да има голем одлив на работници барем од компаниите каде СГИП има членови. Секако голем дел од работниците и пред корона кризата беа надвор од државата поради повисоки плати и подобри услови за работа. Можеби други дејности особено угостителската дејност ќе има многу повеќе одлив поради тоа што како сектор беа најпогодени кај нас. Повеќе треба како држава да се осврнеме на генерациите кои доаѓаат и соодветно за овој сектор ги едуцираме и спремиме за пазарот на труд. Тоа е нешто што недоставува наназад години и сметам дека допрва ќе има градежниот сектор проблем со квалификуван кадар, инженери и мајстори. За крај би ги повикал и сите вработени од сите дејности да излезат за 1ви Мај – Меѓународниот ден на трудот, со нас на улица и да ги побараме заедно и гласно овие барања од претставниците на власта, бидејќи тие уживаат права и благодети токму од нас, вработените во приватниот сектор.

Бобан Илијевски