Uncategorised

Пополека но сигурно, работниците почнуваат да ги диктираат состојбите на пазарот на труд

Колумна на Бобан Илијевски

Изминатава недела мислам дека ја одбележа изјавата од Министерот за финансии за тоа дека во буџетот за 2022 година не се предвидени пари за исплата на К-15 во јавниот сектор. Оваа изјава ги принуди синдикатите да излезат со свои реакции во кои меѓу другото, најавија и дека ќе преземат радикални синдикални мерки, поради тоа што не се почитуваат работничките права и не им се овозможува на работниците она што законски им следува.

Согледувајќи ја целата слика можам слободно да кажам дека секогаш се зема од делот којшто е наменет за работниците, како да се тие последна алка од синџирот, а не оние коишто го носат профитот на државата. Да потенцирам уште еднаш, бидејќи веќе го имам кажано ова, буџетот на државата во најголем дел се полни од приватниот сектор, а работниците се тие коишто го прават профитот за приватниот сектор. Со ова може да се заклучи дека работниците најмногу заслужни за полнењето на буџетот на државата. На ова, државата им враќа така што грижата за нив ја сведува на минимално ниво, односно реагира само кога тоа ќе биде неопходно, како што е сега ситуацијата со корона кризата. Да се разбереме, ситуацијата е ваква веќе триесет години.

Се согласувам со изјавата на еден од синдикатите дека државата им дава лош пример на работодавачите во приватниот сектор, со тоа што не ги почитува правата од работен однос кои законски им следуваат на вработените во јавниот сектор. Ова го имам кажано во многу наврати, па поради тоа ќе потсетам само на кратко. Работодавачите или подобро речено газдите во приватниот сектор гледаат како постапува државата, па си велат: „кога тие не исплаќаат, не исплаќаме ни ние“. Кога државата би дала пример за тоа што е добар работодавач, мислам дека многу работи би се смениле на подобро. До тогаш, ситуацијата ќе биде ваква каква што е.

Пред некој ден додека разговарав со еден човек токму на тема работнички права, ми кажа дека и во Македонија имало работодавачи кои своите најдобри вработени ги правеле акционери. Поради тоа што сакаат да ги задржат и воедно да им ги зголемуваат платите, немаат можност таа сума да им ја исплатат на сметка, бидејќи е премногу голема, тие ги прават акционери во компанијата, пракса којашто потекнува и е доста застапена на Запад. Добро е да се знае дека има и такви работодавачи кои компаниите од ДООЕЛ (Друштво со ограничена одговорност основано од едно лице) ги претвораат во Акционерски друштва, само за да ги задржат најдобрите вработени. Е, вакви примери сакам да слушам, не само јас, туку голем дел од луѓето во Македонија. Применувањето на оваа пракса кај нас значи уште нешто, а тоа е дека работниците веќе започнуваат да ги диктираат условите за работа. За многу кратко време, работодавачите ќе бидат принудени да ги зголемуваат платите и кај нас, па на тој начин има можност да порасне стандардот на работниците коишто сакаат да живеат и работат во својата родна земја.