„Поради Бектеши работниците во туристичките места ќе робуваат во недела“
Сојузот на синдикати на Македонија денеска излезе со реакција по изгласувањето на законските измени на предлог на Министерството за економија работниците во туристичките места за време на летната сезона да работат во трговските објекти.
ССМ го обвини министерот за економија Крешник Бектеши дека со измените кој ги иницирал, наместо газдите, повторно ќе работат работниците, иако недела е неработен ден. Бектеши вчера објави дека законските измени се усвоени во Собранието. За здружението е симптоматично и тоа што не е променет Законот за работни односи, туку Законот за трговија.„Министерот кој на 2 јануари се фалеше дека недела неработен ден е реалност, на 27 јуни се фали дека сите трговци во туристичките дестинации ќе работат во недела. Трговците можеа и до сега да работат, но самите, но на министерот очигледно не му се допаѓа тоа па сега работниците ќе им работат на трговците. Министерот за економија тргува со човечки судбини, па прашуваме дали на работниците им е потребен министер трговец како него.
Истовремено, потсетуваме дека овластен предлагач на Законот била пратеничката Жаклина Лазаревска, истата пратеничка која за амандманот на ССМ од говорница викаше дека на работниците лесно можеле да им дадат 2806 денари, ама не сакале да им дадат да не ги расипат од многу пари“, реагираат од синдикалниот сојуз.
По ова, ССМ додава дека работниците ќе се запрашаат на кого го даваат својот глас на избори, ако знаат дека сите пратеници сложно се против работниците.
„Работникот памти и ќе врати!!!“, уверуваат од таму.

