Светот на работникот

10 најбарани фриленс професии во 2022 кои можат да ви донесат солидни приходи

Бобан Илијески

Кога го пишувавме овој текст, ви ветивме дека ќе ги објасниме десетте фриленс професии кои се најмногу побарувани во 2022 година и кои ги набројавме поединечно, па токму тоа ќе го направиме подолу. Рековме и дека фриленсингот станува многу популарен начин на работа во последно време и за оние кои живеат во Македонија, а кои сакаат да заработуваат под свои услови.

Пред да продолжиме кон објаснувањето на професиите, треба да се нагласи дека компаниите низ светот имаат голема потреба од фриленсери најмногу поради тоа што го избегнуваат целосно процесот на вработување и обучување на некој којшто им е потребен да им заврши одредена работа која можеби е еднократна или трае краток период. Ова е добро за самите фриленсери, бидејќи можат да заработат пари без притоа да бидат обврзани да се држат кон одредени обврски кои ги наметнува договорот за вработување.

Сега да преминеме на десетте најпопуларни фриленс професии во 2022 година.

1. Дизајнер на веб страни (Web designer or web developer)

На секоја компанија или бизнис потребна ѝ е веб страна за да може да ги рекламира или нуди своите производи/услуги. Поради тоа, има голема побарувачка за дизајнери за веб страни. Тие работат со компаниите и поединиците со цел да ја испланираат, дизајнираат и кодираат нивните веб страни. Доколку имате искуство со WordPress или Joomla, можете да најдете доста „тезги“ на Fiverr или Upwork.

Фото: Pixabay

Доколку сте нови во оваа професија и немате големо искуство, добро би било да запишете некој од бројните онлајн курсеви, како на пр. на Udemy, каде можете да се стекнете со поголемо знаење за професијата и да се стекнете со потребните вештини.

2. Графички дизајнер (Graphic designer)

Графичкиот дизајн е солидна маркетиншка вештина која се применува на различни бизнис апликации, вклучувајќи ги тука маркетингот, рекламирањето, извештаите, каталозите, брошурите, бизннис картичките, веб страните итн. За да можете да ја работите оваа професија, потребно е да сте одлични во користењето на Adobe Creative Suite (Фотошоп и Илустартор) и да ги разбирате основните концепти како техниките за пресување.

Фото: Freepik

Голем дел од графичките дизајнери имаат дипломи и сертификати, но голем број од нив, вештините ги имаат научено и преку практично учење. Земајќи го ова во предвид, доколку имате сертификат од Adobe, клиентите ќе бидат повеќе заинтересирани да ве ангажираат. Ќе ви биде потребно и добро портфолио, но имајте на ум дека најголемиот дел од клиентите нема да ги интересира вашето образование, туку квалитетот на вашето работење.

3. Наставни/ Тутор (Teacher)

Постојат илјадници платформи преку кои можете да заработувате како наставник, без разлика на тоа дали имате диплома или не. Доколку имате, тоа е предност. Низ светот постои голем недостиг на наставници, што значи дека шансите да најдете работа ви се големи.

И доколку немате диплома, имате голема палета на опции. Голема побарувачка има за наставници за англиски како втор јазик (ЕСЛ), а за оваа работа не треба големо искуство, туку само добро познавање на англискиот јазик и познавање на онлајн технологиите.

Фото: Freepik

Доколку сте експерт по математика, наука, историја или други академски предмети, можете да работите и како онлајн тутор. Ова не бара конкретни сертификати, но можеби ќе треба да поминете низ процес на ветинг доколку работите со деца. Од друга страна доколку сакате сериозно да се бавите со туторство, на располагање имате голем број на курсеви на интерент од каде можете да добиете сертификати.

4. Виртуелен асистент (Virtual Assistant)

Дали сте одлично организирана личност? Можете да ги завршите работните задачи брзо? Дали стоите добро со управување на софтвери за продуктивност? Доколку вашите одговори се да, тогаш можеби професијата виртуелен асистент е вистинската за вас. Најголемиот дел од виртуелните асистенти се платени на час, а заработките се движат од 15 до 25 долари на час. Сепак, сето тоа зависи од барањата на клиентот и вашето искуство.

Фото: Freepik

Менаџирањето на мејлови, телефонски јавувања, внесување на податоци, сметководство, истражување, социјални медиуми, креирање на содржинни, договарање на аранжамани за патување или договарање на состаноци се должностите на еден виртуелен асистент.

Работењето како виртуелен асистент може да ви овозможи да направите добра фриленс кариера. Колку повеќе работи можете да извршувате, толку повеќе ќе вредат вашите услуги, но тоа не мора да значи дека треба да имате огромно искуство за да почнете.

Потребно е да сакате да работите преку компјутер, да бидете одговорни и да работите брзо. Поголемиот дел од луѓето кои бараат виртуелни асистенти имаат конкретни проекти кои треба да се завршат, а немаат време тоа да го направат сами. Колку повеќе сте агилни и способни, толку повеќе ќе им вредите. Најважно е да умеете да ги завршите работите за брзо време.

5. Фрилнес автор (Freelance Writer)

Постојат неограничени можности на интернет за оние кои сакаат да се бават со оваа професија. Доколку сте добри, брзи и доверливи, можете лесно да најдете работа. Шансите за тоа уште повеќе ви ги зголемуват познавањето на одредени области, како маркетинг, крипто/блокчејн или продажба.

Фото: Freepik

Секако, можете да започнете да ја работите оваа професија и без да имате посебни вештини, се додека сакате да учите и стоите добро со Гугл.

Најдобриот дел од работењето како фриленс автор е тоа што нема потреба од многу опрема за работа. Можете да користите алатки како, Microsoft Word или G -Suite (Google Workspace). Истите ќе ви помогнат за да ја завршите задачата и да му ја доставите на вашиот клиент.

Најмногу се платени авторите на технички и медицински содржини, но можете добро да заработите и преку пишување на блогови и copywriting.

6. Уредник (Editor)

Едитирањето на содржини е добра фриленс работа. Доколку имате одлично познавање од англискиот јазик, граматиката, спелување и стил на пишување, можете да најдете голем број на „тезги“ за поправање и едитирање на статии кои ги напишале други луѓе. Дури и ако вашата ултимативна цел е да бидете фриленс автор, едитирањето е одличен почеток.

 Фото: Freepik

Мора да се има во предвид дека едитирањето може да биде повеќе од поправање на грешки во текстовите. Онлајн издавачите често имаат потреба од уредници кои ќе координираат работи како е -книги, магазини и публикации. Доколку имате искуство во некоја област, побарајте потенцијален клиент на кој му е потребен некој од истата таа област.

Едитирањето може да биде техничко или креативно. Може да вклучува и истражување и проверување на факти за текстот пред истиот да биде објавен.

Можете многу да заработите преку едитирање на технички документации, но морате да имате познавање од терминологијата и да имате талент за да претворате комплексни идеи во концизни и лесно разбирливи текстови.

7. Сметководител/ финансиски консултант (Accountant/financial consultant)

Секогаш има побарување за финансиска експертиза. Зависно од вашата образовна и професионална позадина, можете да работите од сметководство до позиции како што е Главен финансиски директор.

Фото: Freepik

Финансиското консултанство е уште една потенцијална фриленс област, особено ако имате успех или искуство во финансиски компании со голема репутација или имате специјалност, како на пр. во недвижнини, осигурување или планирање на даноци.

8. Специјалист за социјални медиуми (Social media specialist)

Од суштинска важност на компаниите им е да бидат присутно онлајн, но истото троши огромна количина на време. Не сите компании имаат маркетинг тим, па затоа им е потребен некој кој ќе се грижи за тоа како ќе изгледаат на социјалните мрежи.

Доколку имате познавање од социјални медиуми, знаете како да составите интересен пост и уживате да ги гледате плодовите од вашиот труд, можете да работите како специјалист за социјални медиуми.

Фото: Freepik

Вештини кои ќе треба да ги поседувате за да можете да ја работите оваа професија се: креирање на реклами, аналитичко следење и директен контакт со публиката на брендот. Ќе бидете одговорни за одржување на специфични клучни индикатори за перформанс (KPIs), како ниво на вклученост, конверазции и градење на публика. Можете да бидете и одговорни за креирањето на содржината и да работите заедно со тимот.

За да работите како фриленс специјалист за социјални медиуми, треба да составите портфолио со примероци и да не заборавите да ги наведете вашите постигнувања заедно со бројките за да ги поддржат истите. Сепак, социјалните медиуми се се‘ за мерливи резултати.

9. Развивач на апликации (App developer)

Компаниите во денешно време трошат многу пари за развивање на апликации, како за нивните клиенти, така и за вработените. Развивачите на апликации се меѓу најплатените фриленсери. Некои од нив заработуваат и шест бројки.

Фото: Freepik

За да успеете да добиете работа треба да имате добро портфолио, голем број на креативни идеи и CV кое се фокусира на вашите вештини и достигнувања. Мерливите резултатите зборуваат многу за вашето искуство, па поради тоа немојте да се двоумите околу покажувањето на сите ваши успешни проекти.

10. Креатор на содржини (Content creator)

Креирањето на содржини игра голема улога во денешниот „медиумски опседнат“ свет. Дигиталната содржина може да биде во многу форми: блогови, брошури, магазини, видеа, инфографици, постови за социјални медиуми, емејл кампањи итн.

Фото: Freepik

Како фриленс креатор на содржини, ќе соработувате со компаниите за да создавате различни содржини за производи, услуги или луѓе кои потоа можат да ги користат онлајн. Не сите содржини се наменети за продажба. Понекогаш се работи за демонстрирање на производ или дискутирање на тема од интерес, како храна, патување или видео игри.

Креаторите на содржини треба да бидат вешти во фотографија, видеографија, монтажирање, пишување на сценарија и продуцирање на готови производи. Исто така важно е да знаете како да работите на софтвери за монтажирање, како што е Adobe Premiere Pro или Final Cut.

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk