Колумни

Потребно е да размислуваш дека си успеал, за да навистина успееш

Многумина од вас, претпоставувам дека некогаш помислиле да започнат свој бизнис. Верувам дека сте смислиле и бизнис идеја и  од која дејност ќе биде вашиот бизнис, но откако сте размислиле уште еднаш, претпоставувам, сте се откажале од идејата да започнете бизнис поради ситуацијата во Македонија, но уште повеќе поради сомнежот дека нема да успеете. Некои од вас, имаат желба и цел да работат на високо платени работни места, но желбата и целта ви се уриваат, повторно кога ќе помислите на ситуацијата во Македонија, но повторно и од стравот од неуспех.

Пишува: Бобан Илијевски

Јас не мислам така, не повеќе. Видете, ситуацијата во Македонија е таква каква што е. Гледаме дека досега никој не се потрудил да ја промени на подобро, но тоа не значи дека и ние граѓаните на оваа држава, не треба да одиме на подобро. Јас сум еден од оние коишто веруваат во успехот и постигнувањето на истиот. Во минатото, размислувањето ми било во насока на тоа дека никогаш нема да успеам, дека за мене нема иднина, поради самата ситуација во државата, но и поради мислењето дека ќе доживувам само неуспеси.

Сите можеме да успееме, само прво треба тоа да го вметнеме во нашите умови, размислувањето дека сме ја достигнале нашата цел.

Пред две години работев во таа сендвичара за која неколку пати имам пишувано, за да сега после две години ја работам мојата матична професија, односно професијата за којашто сум учел, а тоа е новинарството. Сега, сигурно ќе си помислите, па што ако ја работиш професијата за која си студирал, кога немаш некоја голема плата, со оглед на стандардот во Македониjа. Но, верувале или не, јас сум задоволен од мојата плата. Секако, дека се стремам кон повеќе, но благодарен сум за тоа што го имам во животот. Благодарен сум и што сум се борел за да дојдам до ова ниво, со оглед на по тешкотиите. Сигурно сте забележале во моите видео интервјуа, дека имам мал проблем со говорот. Кога бев помал, сметав дека е голем проблем, толку голем што ќе ме спречи да излезам во светот и да станам успешен човек. Подоцна сфатив дека јас самиот мислам дека тоа е проблем, и затоа беше проблем. Кога престанав да размислувам дека е проблем, туку едноставно е нешто што е дел од мојот живот и со коешто со морам да се справам, престана да биде проблем. Во училиште ми беше најтешко, бидејќи во класот ми се смееја и ме имитираа, но го надминав и тоа. Работењето на јавна професија, како што е новинарството е доказ.

Секој човек на оваа планета може да биде успешен и да има пари. Местото на човекот, не е сиромаштијата, туку во изобилството. И повторно, ќе си речете живееме во сиромашна држава. Во ред, но тоа не значи дека и ние треба да бидеме сиромашни. Во Македонија, има и такви луѓе коишто успеаваат на професионален план, но не знаеме за нив. Зошто? Бидејќи премалку се зборува за подвизите и успесите на овие луѓе, поради што постојано ни се сервира политика и партиски препукувања, од коишто мене реално ми се гади.

Треба да го отфрлиме размислувањето дека ни е пишано да живееме во сиромаштија и да го вметнеме размислувањето дека нас ни е местото во изобилството. Да ја отфрлиме и целата негатива и да ја преземеме позитивата, бидејќи таа ќе ни помогне да станеме подобри луѓе. И секако, треба да запомниме дека за да започнеме нешто кое ќе не однесе до успехот, треба да преземеме ризик. Постои ризик да не успее бизнисот, постои ризик да не ја најдете посакуваната работа, постои ризик да не отидете на некоја тропска дестинација, постои ризик да не ви успее некоја идеја… но, ризикот не смее да не демотивира, односно не смееме да оставиме да не демотивира. Тука е и стравот од неуспех кој треба да го исфрлиме од нас, соочувајќи се со фактот дека ќе доживуваме неуспеси. Голем број од мотивациските говорници велат дека еден успех е повеличествен од илјадници неуспеси. Не се откажувајте се никогаш од вашите соништа и стремите се кон вашата цел. Не дозволувајте вашите таленти, идеи и вештини да останат неискористени, за да кога веќе нема да можете да ги искористите, ви биде тешко, што не сте го направиле тоа кога сте имале можност

Ви посакувам среќни Велигденски празници, многу успех, изобилство, среќа и љубов!