Поттикнување на претприемачкото образование во секторот на креативни и културни индустрии
Во последните години во земјава се спроведуваат повеќе иницијативи за поддршка на Креативните и културните индустрии. Една од нив е програмата „CreatINNES – Стратегиско партнерство за иновации и развој на бизнис вештини во Културните и Креативните Индустрии” финансирана од програмата Еразмус+.
Оваа програма беше спроведувана од Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) во партнерство со INI-Novation GmbH од Германија како проектен лидер и организациите: BIC INNOBRIDGE (Бугарија), Teleberry (Унгарија), Budakov Films (Бугарија) и Alanam (Франција).
Главната цел на програмата беше да се развијат претприемачки вештини кај студенти, фриленсери, старт-апи и воспоставени бизниси во секторот на креативната и културна индустрија. Преку неа, беа развиени две програми за онлајн учење: „Претприемништво за фриленсери и старт-апи од креативната и културна индустрија” и „Креативно размислување за развој на иновации” кои можат да се користат бесплатно преку онлајн платформа „CreatINNES Academy” (https://moodle.creatinnes.eu/) .
Во рамки на оваа програма, МРФП ги организираше онлајн настаните: „Креативност и претприемништво. Поврзаност и важност” и „Можности за поддршка на креативни бизниси и старт-апи. Како до развој и брз раст на еден креативен бизнис” кои беа посетени од повеќе од 300 чинители од креативната и културната индустрија, а овозможи учество на дел од нив и во завршниот проектен настан “Како да станете успешен креативен претприемач” ко-организиран од XU Exponential University од Потсдам, Германија.
Културните и креативните индустрии учествуваат со околу 5 отсто од вкупниот бруто домашен производ на ниво на Европската Унија. Во нив се вклучени повеќе сектори меѓу кои: дизајн, архитектура, издаваштво, филм, уметност, рекламирање, софтвер, гејминг и многу други. Тие играат огромна улога во поттикнувањето на иновации, дигитална модернизација како и поттикнување на културниот туризам. Инвестирањето во развојот на овие индустрии е препознаено како потреба од развиените земји, притоа носејќи им огромни придобивки како во поглед на негувањето на културните вредности така и во вкупниот економски развој. Во Европската Унија постојат различни програми за поттикнување на развојот на овие индустрии, особено оние за развој на иновации и претприемништво.

