МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Празнично мирување на помирувањето меѓу СОНК и Владата

По првата техничка средба празнична пауза во процесот на помирување меѓу Владата и Синдикатот за образование и наука.

Министерот за образование за Сител вели дека е задоволен од првиот состанок и очекува дека медијацијата ќе биде поуспешен начин за изнаоѓање решение отколку штрајкот. Но, во интерес на преговорите и двете страни се договориле дека нема да даваат изјави за медиумите додека трае процесот.

СОНК бара зголемување на платите во образование и детска заштита за 18,4% и скалесто усогласување на платите согласно растот на минималната плата. Владата, пак, нуди покачување на платите за 12% и К15 од следната година, предлог што е неприфатлив за СОНК.

Штрајкот, кој започна на 11 април, е ставен во мирување за време на медијацијата. Законскиот рок за мирно решавање на работните спорови е 20 дена.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека медијаторот е човек близок на министерката за труд.

„Помирувачот помеѓу СОНК и владата е десна рака на Тренчевска, ова е измама, власта ги понижува наставниците. Помирувачот е човек вработен во кабинетот на министерката за труд и социјална политика. Тој не може да биде непристрасна страна, кога една од засегнатите страни е владата. СОНК е во подредена полжба, а наставниците се деградирани и понижени“, пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, Владата тврди дека платите во јавниот сектор ќе го следат покачувањето на минималната плата.

„Ги започнавме преговорите за потпишување на нов Општ колективен договор со кој ќе го утврдиме усогласувањето на платите во јавниот сектор со минималната плата но истовремено ќе го отвориме прашањето и конечно и дефинитивно ќе воведеме реформи за рационализација и продуктивнос на јавниот сектор, затоа што секој кој што работи заслужува достојно да биде платен, но и секој граѓанин заслужува да добие услуга која ќе е навремена, квалитетна и професионална“, вели Фатмир Битиќи, вицепремиер задолжен за економски прашања.

Опозицијата бара конкретни мерки за ублажување на негативните ефекти од инфлацијата, која значајно го поткопува стандардот на граѓаните.

„Битиќи зад себе има катастрофални 100 економски дена. Денешната прес конференција требаше да ја искористи за да им се извини на граѓаните за вртоглавиот пад на стандардот кој што се случува. Инфлацијата за месец март изнесува 8,8%, а цените на основните трошоци за живот пораснаа од 30 до 100%. Затоа над 35% од граѓаните се во ризик од сиромаштија“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Токму континуираниот раст на цените на основните производи е причина за утрешниот протест на Сојузот на синдикати на Македонија. Бараат линеарно покачување на платите на сите вработени и во приватниот и во јавниот сектор за 2.800 денари, колку што се зголеми минималната плата, како и регрес за годишен одмор во јавниот сектор. Протестот ќе започне во 12:30 часот од пред зградата на ССМ, а ќе се маршира до Владата.

Извор: Сител