ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Левица за Работник: Наши идни чекори се слободен викенд за сите работници и законски износ на плата за секое работно место

Бобан Илијевски

Деновите од викенд да бидат слободни, апанажа за работниците, патните трошоци и осигурувањето до и од работното место да бидат задолжително платени или регулирани со организиран превоз. Ова се дел од заложбите на политичката партија Левица којашто ги откри во изјава за порталот Работник.

Од таму рекоа дека ќе предложат и категоризација на работните места со минимум законски износ на плата како механизам за заштита на вработените во приватниот сектор.

Прашани за тоа кои се следните чекори кои ќе ги преземат по негласањето на власта, на собраниска седница да ги стави измени (за намалување на времетраењето на договорот на определено време од 5 години на 6 месеци и исплаќањето на плата да биде наместо до 15 –ти, да биде до 5 –ти во месецот), од Левица истакнаа дека нема да се откажат од овие предлог измени, поради тоа што се од есенцијално значење. Се надеваат дека при формирањето на идниот парламент, наведените измени ќе станат приоритет на идната власт.

Потенцираа дека одбивањето на овие предлог измени од страна на власта уште еднаш покажале дека таа не сака конструктивна опозиција.

Да мислеше добро за работниците и граѓаните, ќе поднесеше некој амандман, ќе го усовршеше предлогот и заедно ќе го изгласавме. Левица и покрај безброј несогласувања со двете, во моментот, најголеми политички партии секогаш, во интерес на работниците и народот, гласала за и поднесувала амандмани за да го усоврши предлогот, велат од Левица.

Напоменаа дека овие измени се едни од најважните постулати на трудовото право со кој на работниците пред се, во приватниот сектор ќе им се овозможи „да дишат, да мислат со свои глави и во вистинска смисла на зборот да бидат независни во донесувањето на своите одлуки, а не да останат заложници на партиите и партиските интереси. Што се однесува до приватниот сектор, велат од Левица, измените би им овозможиле на работниците сигурност и значително намалена можност за нивна понатамошна експлоатација, мобинг итн.

Ги прашавме и за тоа дали периодов до нив пристигнуваат поплаки од работници за прекршување на нивните работнички права.

Како политичка партија која е основана од потребата за зголемување на работничките права, истакнаа од таму, работниците препознаваат солидарност и постојано се јавуваат со своите проблеми на работното место.

Работници од сите дејности се жалат на лошиот третман од страна на работодавачите и условите во кои работат. Поплаките на работниците се наша можност да се запознаеме со сите неправди и неправилности кои се насочени кон нив, со цел да се спроведе квалитетна трудово – правна политика, додадоа од партијата.

 

 

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk