Прва пленарна седница за унапредување на родовата еднаквост
Заслугите на Клара Цеткин и Роза Луксембург да бидат водилка во борбата кон поголема рамноправност секој ден а не само на 8 Март, порачаа пратеничките на денешната пленарна седница која за прв пат е посветена единствено за унапредувањето на родовите прашања.
Презентирајќи го Извештајот за напредокот на ова поле во изминативе 20 години, министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска истакна дека Македонија развила широка законска рамка но треба подобро да се имплементира.
Пратеничките посочија дека неопходни се повеќе заложби за економско јакнење на жените, спречувањето на говорот на омраза и насилството, како и регулирање на родовите квоти за да се зголеми застапеноста на жените во политиката, особено во министерските и градоначалничките места.
Идејата за оваа пленарна седница е на Клубот на пратенички кој воедно одбележува 20 години постоење. Во претстојниот период клубот ќе работи на повеќе области, како што се измени во Законот за мобинг, регулирање на интернет просторот со кој ќе се засили казнивоста кон говорот на омраза и намалување на ДДВ-то од 18% на 5% на продуктите за менструална хигиена.
Извор: Канал5

