ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ПЛАТИТЕ СЕ ПРИ КРАЈ, јавноста наскоро ќе биде известена за процентот на зголемување, вели Неделков (ИНТЕРВЈУ)
„Треба да оставиме времето да покаже какви ќе бидат ефектите од потпишувањето на Општиот колективен договор. Во секој случај, тоа е документ кој е важен за вработените во јавниот сектор. Се разбира, тој има и позитивни и негативни страни. Ние реагиравме на планирањето на Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии или со еден збор – Владата, во однос на новата методологија за пресметка на плати дека трае многу долго“, вели Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, Јаким Неделков во интервју за порталот Работник.
Разговараше: Бобан Илијевски
Работник: Со оглед на тоа дека актуелно беше барањето на Независниот синдикат за образование и наука за штрајк на почетокот на учебната година, би Ве прашал – дали, според Вас, има потреба да се влезе во штрајк? И дали од синдикатот Ви ги посочија аргументите за започнување на штрајк?
Неделков: Штрајкот како средство за остварување на работничките права е многу силна алатка. Меѓутоа, би рекол дека штрајкот е можеби последната алатка кога ќе се исцрпат сите други алатки за постигнување на резултати по однос на одредени проблеми, во конкретниот случај во делот на образование со Министерството за образование и наука. Беше објавено дека Независниот синдикат со огромна веројатност ќе влезе во штрајк за прашања кои за нас првично беа недостапни и не знаевме за кои прашања се работи, а потоа се ретерираше дека штрајкот од 1-ви септември нема да има. Во меѓувреме, ни беа доставени барањата коишто би биле интересни за влегување во штрајк. Во овој момент ние како СОНК, сметаме дека апсолутно не постои причина за организирање на генерален штрајк. Доколку би постоела, секако дека ние немаше да седиме со скрстени раце, туку ќе го предложевме тоа многу одамна.
Имено, по неколкумесечни преговори со Министерството за образование и наука ние сме при крај за потпишување на колективните договори за основно и средно образование, како и за дополнително зголемување на платите во овие дејности, надвор од тие 10 % коишто се предвидени со Општиот колективен договор за јавен сектор. Се‘ на се‘, тој што објавил дека со голема веројатност ќе има штрајк од 1-ви септември експресно и ретерираше дека нема да има штрајк.
Работник: Во јули, Сојузот на синдикатите го потпиша Општиот колективен договор за јавен сектор. Како гледате на неговото потпишување од денешна перспектива?
Неделков: Треба да оставиме времето да покаже какви ќе бидат ефектите од потпишувањето на Општиот колективен договор. Во секој случај, тоа е документ кој е важен за вработените во јавниот сектор. Се разбира, тој има и позитивни и негативни страни. Ние реагиравме на планирањето на Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии или со еден збор – Владата, во однос на новата методологија за пресметка на плати дека трае многу долго. Тоа беше планирано да трае пет години, па четири години, па три години – тој транзиционен период каде што вработените во јавниот сектор би имале некакво усогласување од 2,5 до 3 %, без разлика колку ќе изнесува инфлацијата и колку ќе бидат зголемени животните трошоци. Тоа апсолутно не беше прифатиливо за нас и ние реагиравме дека таквата методологија не е прифатлива. Второ, спорна беше и методологијата за тоа дали вреднувањето на трудот по работни места да биде изразено во бодови или коефициенти и можам со радост да кажам дека нашето аргументирано барање дека многу подобро е да се биде со коефициенти отколку со бодови, испадна да се прифати и работните места во јавниот сектор да бидат претставувани со коефициенти. Она што не е добро во Општиот колективен договор е што во 2024 година не е предвидено посериозно усогласување на платите, од аспект на зголемен трошок на живот или инфлација. Мене навистина не ми е јасно зошто потписниците од старт се согласиле платите да бидат за 3% помали од реалната инфлација од претходната година.
Дополнително, друга забелешка во овој колективен договор е свесното или несевесното, но се чини дека свесно, потписиците ќе ги уредуваат коефициентите на сложеност на работните места до крајот на декември 2024 година. Навистина не ми е јасно како можат да уредуваат работни места… не сум сигурен колку, но веројатно се 300-400 работни места во сите дејности од јавниот сектор кои сакаат да ги уредуваат. Ако е ова намерно, тогаш се прави обид да се суспендираат гранските репрезентативни синдикати коишто ќе преговараат со ресорните министри за формирање на коефициенти по работни места коишто од март 2025 година ќе бидат во функција и ќе се множат со просечната плата од минатата година. Апсолутно е неприфатливо некој друг да преговара за висината на коефициентите. И конечно, за се‘ да не биде така црно, еве ќе кажам дека моделот просечна плата помножена со коефициент е добар модел и дека е во функција на некои избрани и именувани функционери и добро функционира, а истиот модел профункционира и во високото образование и науката, со што оваа година за првпат се примени овој модел. Инаку, нашето барање беше минимална плата по коефициент, исто така одличен модел кој веќе неколку години функционира во дејноста култура. Нашиот аргумент беше дека овие модели се многу поисправни и поиздржливи во однос на бодовите коишто требаше некој друг да ја носи нивната вредност, што за волја на вистината, историјата покажува дека во јавниот сектор одамна не е сменета вредноста на бодот.
Работник: Какво е или ќе биде влијанието на овој Колективен договор врз платите во дејностите кои ги застапува СОНК?
Неделков: Се надевам дека овој модел ќе има позитивно влијание, и после март 2025 година дека никогаш нема да имаме проблем со надлежните преку преговори, протести и штрајкови да бараме усогласување врз основа на порастот на минималната плата или просечната плата. Реков дека ова е веќе проверен модел, функционира и мислам дека синдикатите ќе се насочат во друга насока во своето делување, односно на борбата за зголемување на коефициентите – значи коефициентите ќе мораат соодветно да се зголемуваат, како и другите права од работен однос и правата кои ќе се се постигнат со другите колективни договори. Сметам дека моделот е добар и дека ќе вроди со плод секаде во јавниот сектор, па и во дејностите што ги застапува СОНК.
Работник: Како тече процесот на преговори за зголемување на платите во образованието и преговорите за новите колективни договори?
Неделков: При крај сме со преговорите за зголемување на платите во дејноста образование, како и со потпишување на колективните договори за основно и средно образование. Се разбира, едно е тоа што ние го бараме и посакуваме да го оствариме, а друго се можностите и волјата на социјалниот партнер од другата страна за прифаќање на одредени барања. Не мора се‘ да значи материјално, туку права коишто, за волја на вистината, многу работници во јавниот сектор не ги уживаат, па малку е чудно што ние ги бараме, какви што имаат работниците во развиените европски држави и некои работници на балканските простори. СОНК оди чекор понатаму и покрај тоа што се бори за зголемување на социјалниот статус, се залага и за здрава работна средина, обезбедување на квалитетни услови за работа, почитување на работникот како индивидуа и т.н. Се‘ на се‘, сметам дека во наредниот период јавноста ќе дознае и за проценетот на зголемување на плати во дејностите основно и средно образование, како и за потпишувањето на колективните договори кои претходно ќе бидат на јавна расправа во членството, така што сето тоа ќе биде транспарентно.
Фото: Приватна архива

