ПравдаСветот на работникот

Приказни на работници: За „Работник“ ги раскажаа лошите работни искуства

Бобан Илијевски

Секој еден од нас имал лошо работно искуство на некое од минатите работни места. Сепак, најголемиот дел од овие искуства се поврзани со прекршување на работничките права, нефер третман од страна на работодавачите, но и колегите.

 Побаравме од нашите читатели да споделат лошо работно искуство со нас, притоа наведувајќи дека можат да останат анонимни или пак да излезат со свои име и презиме. Добивме само три одговори и тоа анонимни. Ова не е чудно, со оглед на тоа дека мал број на луѓе се охрабруваат да ги своите лоши искуства поради страв, што е сосема разбирливо. Во одговорите се содржани и имињата на компаниите во коишто читателите го имале лошото искуство, но поради тоа што немаме коментар од самите компании, како и поради правилата кои произлегуваат од Етичкиот кодекс на новинари, нема да ги откриеме нивните имиња. Инаку целта тука ни е единствено да споделиме лоши искуства на работните места.

Еден наш читател кој го сподели своето искуство рече дека бил потценуван и „на моменти третиран како да не е човечко суштество. Наведе дека неговото работно место не било сигурно, како и дека работодавачот произволно му го одредувал работното време, кое како што вели, траело и по 14 – 15 часа дневно, притоа наведе дека работел и седум дена во неделата, односно без да има слободен ден. Посочи дека платата била мала и истата не му е исплатена за два месеци. Рече и дека му биле наложени работни обврски кои не биле во Договорот за вработување, како (одење во супермаркет по кафе, минерална вода и цигари, одење во пошта, кревање тешки товари, варење кафе, чистење, електрични поправки итн.). Исто така, тој посочи дека бил клеветен и му биле правени местенки од страна на колегите.  

Друг читател посочи дека на 53 години бара нова работа. Тој во неговиот одговор наведува дека не му се плаќал минат труд, немал хранарина, а и му биле доделувани дополните задачи кои не биле регулирани во Договорот за вработување. Истакна дека имал нерегулиран статус на годишен одмор и компанијата правела чести грешки во пресметките на платата.

Тој рече дека после 7 години работа на определено време не добил договор за неопределено работно време, наместо тоа бил отпуштен.. Инаку, според Законот за работни односи, работникот треба да работи најмногу 5 години на определено време и потоа да се стекне со статус на работник на неопределено работно време.

На почетокот рековме дека нема да откриваме имиња на компании, но во овој случај ќе посочиме дека се работи за компанија којашто е со странски капитал.

Третиот одговор којшто го добивме беше од наша читателка која повеќе од 33 години работела во една од најголемите македонски банки. Таа рече дека во 2020 година била на неплатено отсуство од 1 мај до 31 јули истата година, односно 3 месеци, потенцирајќи дека за 2020 година не и исплатиле регрес за годишен одмор, бидејќи нема непрекинато работено 6 месеци во тековната година. Таа вели дека имала вкупно 9 месеци работено во истата година, што според неа и следувал регрес.

Целиот работен век го поминала во банката, а оваа година заминала Спогодбено со отпремнина во март 2021 година, без се уште да и биде исплатен регресот за 2020 година, поради тоа што имало член во Спогодбата кој наложувал дека доколку сака да замине не смее да има никакви побарувања од банката. Таа се прашува дали има право за тоа дека требало да им биде исплатен регресот, притоа додаде дека насекаде има прекршување на работничките права.

Ова се трите одговори коишто ги добивме на нашето прашање. Сите три одговори имаат нешто заедничко, а тоа се прекршувањата на правата од работен однос.

Доколку сакате и Вие да споделите Ваше лошо искуство на работното место, слободно пишете ни на Фејсбук страната РаботникМК.  

Фото: Freepik