ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Промена на структурата на фирмите за поголем економски раст, а со тоа и поголеми плати

   Време за читање 4 минути

Автор: Бобан Илијевски

Работниците во Македонија немаат многу голем избор при одлучувањето за вработување во некоја голема компанија, бидејќи најголемиот дел се микро и мали.

Податоците за структурата на активните деловни субјекти според бројот на вработени на Државниот завод за статистика велат дека најголем удел имаат компаниите со 1 д 9 вработени (82,0 %). Потоа следуваат фирмите без вработени/неутврден број на вработени (8,2 %), па фирмите со 10 до 19 вработени (4,5 %) и со 20 до 49 вработени (3,0 %). Учеството на фирмите од 50 до 249 вработени е 2,0 % и последни и само 0,3 % од компаниите имаат над 249 вработени.

Дали треба да се промени структурата на деловните субјекти (да се зголеми бројот на средни и големи компании)?

Ангел Димитров, Претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија за порталот Работник, вели дека земјите кои имаат стопанска структура со поголемо учество на производи со поголема додадена вредност и поголема софистицираност, имаат поголеми можности за економски раст.

Најдобар пример за тоа е Словенија. Таа има извоз над 30 милијарди долари или пет пати поголем од македонскиот. Извезува над 1,100 разни производи, што е за 2,5 пати повеќе од бројот на производите што ги извезува Македонија. Словенија реализира извоз во вредност од над 200,000 евра во повеќе од 150 земји, а ние во помалку од 80, вели Димитров. 

Извозот на Македонија, објасни Димитров, се’ уште во најголем дел се состои од текстилни производи, производи на базичната метална индустрија и примарни земјоделски производи. Додаде дека сите тие се карактеризираат со ниска додадена вредност и многу мала доработка. Освнрувајќи се уште еднаш на примерот со Словенија, тој посочи дека таа уште пред да се расформира Југославија направила структурна трансформација на своето стопанство и речиси и да нема трудоинтензивни дејности како текстилот. Воедно, таа го намалила и учеството на земјоделието во Бруто домашниот производ (БДП).


Што треба да се направи за да се промени структурата на компаниите?

Поддршка на инвестициите од индустрии кои можат да произведат производи со висока финализација и поголема додадена вредност е едно од решенијата на Димитров за промена на структурата на компаниите.

Ние како држава дадовме огромни средства за привлекување на инвестиции во ТИРЗ зоните кои, со ретки искучоци, пак произведуваат производи со ниска додадена вредност. Такви се фабриките за производство на навлаки за автомобилски седишта или за мотање на автомобилски кабли, истакна Димитров. 

Втор и многу важен фактор, според него, се рефромите во образованието и создавање на кадри со високо знаење и менаџерски способности, кој во моментов ги немаме.

Потребна е и трансформација на извозот на земјоделските производи и извоз на преработени земјоделски производи со повисока вредност. За да може да се направи ова, појасни Димитров, неопходна е промена на субвенционирањето во земјоделието и субвенциите, наместо како социјална помош, да станат поттик за развој на целата гранка.

Многу е важно да се зајакнат институциите во државата, кои, како што вели тој , наместо да бидат носители на прогресот и реформите, тие се „кочничари на бизнисот и на развојот“.


Како што наведовме на почетокот, најголем дел од фирмите во Македонија се микро и мали, што значи дека истите не се толку интересни за младите работници, бидејќи не можат ниту да им понудат поголема плата, ниту пак кариерно напредување и други бенефити. Наспроти нив, средните и големите компании имаат потенцијал да даваат поголеми плати и да им овозможуваат кариерно напредување на работниците. Поради тоа, логично е како држава да се насочиме кон промена на структурата на компаниите.


Пративме прашања и до Владата, во однос на тоа дали државата има механизми да придонесе кон тоа да се промени структурата на деловните субјекти, т.е. да се овозможи да се отвораат повеќе средни и големи компании наместо микро и мали, но до објавувањето на овој извештај, не добивме одговор.

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси