Следната Влада мора да обезбеди квалификувана работна сила и да го реши проблемот со сивата економија
Кои се Вашите очекувања од политичката партија која би дошла на власт во насока на решавање на проблемите со недостигот на работна сила и поддршка на развој на приватниот сектор? Ова беше прашањето кое му го поставивме на Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.
Нашиот соговорник посочи дека со право се поставува прашањето на работната сила како примарно за зголемување на економскиот раст во Македонија.
„Без доволен број на квалификувани работници не можеме да очекуваме зголемување на економскиот раст и подигање на стандардот на вработените“, вели тој.
Според него, во Македонија има една противречност која опстојува веќе подолго време – и понатаму имаме голем број на регистрирани невработени (околу 100,000), а бизнисот се жали на недостиг од работници.
„Ова произлегува од несоодветните квалификации на невработените, но и работењето во сивата економија кое и понатаму е голем проблем во државата“, истакна Димитров.
Пред сѐ, реформи во образованието….
Нашиот соговорник е дециден дека прво се потребни реформи во образованието, а потоа и подобрување на севкупните услови за стопанисување.
„Образованието не смее да ‘штампа’ дипломи без соодветно знаење и без да се види општествената оправданост за тие студии. Мораме да воведеме кариерно насочување на учениците за да се запишуваат во оние средни училишта и факултети за кои имаат доволно знаење и афинитети. Во моментов трошиме огромни средства за средно и високо образование за ученици и студенти кои заминуваат во странство и помагаат во развојот на други држави“, објасни Димитров.
Владеењето на правото како предуслов за развој на приватниот сектор
Бизнисменот смета дека за развој на стопанството потребни се сигурни предвидливи услови на стопанисување кои опфаќаат: владеење на правото, еднаква примена на законите за сите и на територијата на целата држава, квалификувана и професионална државна администрација која нема да биде кочничар на бизнисот и отстранување на сите непотребни бирократски процедури.
„Сведоци сме дека едно министерство се жали на бирократијата и алкавоста на друго, а што да кажат граѓаните и бизнисмените?“, прашува Димитров.
Поголема продуктивност, поголеми плати
За поголеми плати и поголем стандард, вели Димитров, потребна ни е поголема продуктивност.
„За да се зголеми истата потребни ни се инвестиции во современа опрема и знаење. Значи, мора да ги поддржуваме инвестициите и на домашните компании, а не само на странските во ТИР зоните“, вели Димитров.
Голема улога во зголемувањето на стандардот игра и претприемништвото, па затоа според Димитров младите уште од мали нозе треба да се воспитуваат дека претприемништвото може да ја извади оваа земја од неразвиеност.
„Претприемачите се оние кои ризикуваат, инвестираат и вработуваат работници и на тој начин создаваат ново создадена вредност, а останатите само создаваат услови за подобар живот на граѓаните, но со средствата кои ги обезбедува реалниот сектор“, вели Димитров.
Што нудат програмите на двете најголеми политички партии?
ВМРО – ДПМНЕ во својата програма има наведено дека ќе работи на зголемување на квалитетот на работната сила преку формалното образование, континуирани обуки, програми за преквалификација и доквалификација, со цел зголемување на вработеноста, продуктивноста и отворање на нови високоплатени работни места.
Од политичката партија ветуваат дека ќе ги ослободуваат од данок на доход и плаќање на придонеси во период од 24 месеци компаниите кои ќе вработуваат лица од јавниот сектор.
Од СДСМ во изборната програма се залагаат за спроведување на политики на усогласување на понудата и побарувачката на работна сила на пазарот на трудот во делот на кадар со високо образование и средно образование. Според нив, со овој фокусиран пристап ќе се даде одговор на недостигот на вештини и ќе се охрабрат младите луѓе да ги бараат можностите во Македонија.
И двете политички партии во програмите имаат ветувања кои се во насока на развој на приватниот сектор и решавање на круцијалните проблеми како корупцијата, неефикасноста на администрацијата итн.

