ПравдаСветот на работникот

Работничките и понатаму остануваат изложени на дискриминација, голем дел не ја ни препознаваат

Автор: Бобан М. Илијевски

Жените се дискриминирани и во процесот на вработување и на самите работни места. Ова го потврдуваат и студиите, но и случаите од терен. Уште поголем проблем е што голем дел од жените не ја препознаваат дискриминацијата.

Поаѓајќи од тоа да дознаам колку жените се дискриминирани при вработување и на работното место, направив еден анонимен прашалник и го пуштив на социјалните мрежи. На таков чекор се одлучив затоа што станува збор за чувствителна тема, па откривањето на идентитетот може да доведе до виктимизација. 

При вработување, испитаничките најчесто биле дискриминирани за време на интервјуата за работа.

„Дали сте бремена моментално? Колку деца имате и дали имате? Дали би раѓале второ дете? Прашања поставени од работодавач за време на интервју за работа. Катастрофа, понижувачко, дискриминирачко… И што уште не“, вели една од испитаничките.

Имало и такви случаи, каде покрај тоа што ги прашувале дали планираат да имаат семејство и деца, ги интересирало и каде им работат партнерите.

„На интервју за работа ме прашуваа дали имам деца или пак дали планирам да имам во блиска иднина, што сметам дека не е во ред. Потоа работодавачот дискретно ме праша дали сопругот е вработен и каде“, посочи друга испитаничка.

Еден од одговорите на Прашалникот покажа дека жените не се дискриминираат само на родова основа, туку и на партиско – политичка. Во него стоеше дека директорот ја уназадил вработената, со тоа што на нејзиното место вработил лице од неговата партија. Случајот стигнал до Стразбур, по што таа ја добила битката, за жал на сметка на здравјето.

Една жена пак, раскажа дека ја терале бремена да оди на терен во ек на пандемијата со Ковид -19.

Следната испитаничка раскажа за начинот на кој е психички вознемирувана на работното место.

Во фирмата едниот од газдите си ја донесе братучетка му и почнаа директно и индиректно да ми укажуваат дека сум заменлива, сите признанија одат на нејзина сметка. Едноставно, мојот труд станува невидлив. Секојдневно ми се упатува неколкупати дневно директен поглед во очи и следуваат зборовите: “Леле братучет најмногу работиш.” И веднаш потоа гласна смеа додека ме гледа директно во очи. Тоа трае во текот на целото работно време, веќе подолго од една година и чувствувам дека здравјето, посебно психичкото ми е многу нарушено“.

Следното искуството зборува за повеќе форми на дискриминација на кои била подложена работничката.

Дискриминирана со тоа што на иста позиција имам помала плата дека сум женско, потоа за повисока позиција треба да му се докажам на раководителот во спална, понижување, вреѓање, повишување тон без причина,мешање во приватен живот“.

Бремените работнички се најмногу подложни на дискриминација. Има доста случаи на работнички кои остануваат бремени и по истекувањето на договорот на определено време, истиот работодавачите не им го продолжуваат, а има и случаи каде работодавачите ги одјавуваат откако ќе им започне породилното, па не можат да го остварат правото на надоместок од државата.

„Бев вработена на определено време. Ми кажаа ако останам бремена, ќе си се вратам на работа веднаш по породувањето или пак нема да ми го продолжат договорот“, посочи една од испитаничките.

И невладините организации велат дека дискриминацијата на жените при вработување и на работните места е застапена во повеќе форми.

Теа Зографска, програмска менаџерка во Националниот совет за родова рамноправност ми рече дека лани имале случај на девојка која била сексуално вознемирувана од нејзиниот шеф.

„Таа останала прекувремено на работа и била сама со него во канцеларијата. Не очекувала дека нешто може да се случи, бидејќи немало индиции дека нешто можел да направи, но тој ја нападнал физички“, рече Зографска.

Дошла кај нив за да видат што можат да направат со случајот, но како што рече мојата соговорничка, жената немала никаков доказ ниту сведок. Бидејќи во тој период немале советувалиште за да ѝ пружат правна помош, ја упатиле кај други.

„Се консултирала со адвокати, а тие ѝ рекле дека џабе е да оди по судови“, рече Зографска. „Уште еден проблем е што таа работела на договор на дело, а шефот ја нападнал кога истиот ѝ бил истечен, а со тоа немала ни доказ дека била таму тој ден.

Правничката во Советувалиштето на Советот за родова рамноправност, Ружица Пинзовска рече дека имале уште еден случај на жена која била вознемирувана.

„Имавме уште еден случај на вознемирување каде надлежните на работничката не ѝ ја доставувале соодветната документација за да ја заврши работата“, рече Пинзовска.

Разговарајќи со Савка Тодоровска, Претседателка на Националниот совет за родова рамноправност, ја прашав на што се должи дискриминацијата на жените во работните односи.

Според неа, истата се прави од лични интереси на работодавачот и е предизвикана од стереотипите за жените, во контекст на тоа дека местото им е во кујната, да гледаат деца и да работат на определени работни места. Законите, како што вели, никаде не ја дискриминираат жената.

„Затоа ние како организација за правата на жената работиме на едукација на жените за осознавање на сите законски права, за истите да знаат да ги применат, почнувајќи од домот, па до највисоките позиции“, рече Тодоровска.

Ако жената ги знае законите и бара нивна примена, никој не може да ги злоупотребува нејзините права и при вработување и на самото работно место, додаде таа.

Нејзината лична определба е зајакната жена која ги знае законите, бара нивна примена, но и ги применува самата. Посочи дека кога се однесува на правата, треба истите да ѝ бидат почитувани, но и таа да ги исполнува одговорностите кон својата позиција.

Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници вели дека кај нив жените се јавуваат за најразлични прашања коишто се однесуваат на работните односи. Имале и случаи на дискриминација и при самите интервјуа за вработување и на работните места.

„Многу често се случува дискриминацијата да биде интерсекциска (секоја дискриминација врз две или повеќе дискриминаторски основи што се истовремено и неразделно поврзани), особено каде што станува збор за потреба на грижа за семејството, така што во сите аспекти каде што постои работниот однос, имаме добивано поплаки и пријави од страна на жените кои се обиделе да се вклучат или се вклучени во работниот процес“, вели Атанасова.

Најчесто станува збор за индиректна дискриминација, објасни таа.

„Работодавачите сѐ почесто стануваат свесни дека доколку директно ѝ кажат на жената оти не може веќе да работи или не можат да ја примат поради тоа што има мали деца, е бремена или дека има дете со попреченост, дека ќе бидат казнети. Затоа тие изнаоѓаат начин индиректно да ја сторат дискриминацијата и да не ѝ го продолжат работниот однос или воопшто да не ја примат на работа“, посочи Атанасова.

Во случајот со давањето на отказ на бремените работнички по истекувањето на договорот, Атанасова вели дека правнички гледано, Законот е на страната на работодавачот. Сепак, кога ќе се земат предвид сите елементи и кога ќе се види која била фактичката состојба и намерата на работодавачот, несомнено станува збор за дискриминација.

„И покрај тоа што договорот истекол, а според Законот за работни односи со истекувањето на договорот работниот однос престанува, било очигледно дека претходно договорот бил продолжуван и очигледно дека работодавачот бил задоволен од таа работничка. Во моментот кога останува бремена, автоматски престанува да биде задоволен од неа и договорот престанува“, вели мојата соговорничка.

Во одговорот којшто ни го пратија од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, на прашањето колку претставки имаат добиено од страна на жени за дискриминација при вработување и на работното место, посочија дека од 2021 година до денес имаат добиено 81 претставка од жени кои се однесуваат на работните односи. Од нив, 25 биле отфрлени, а за 42 била поведена постапка за утврдување на дискриминација. Од нив, во 12 случаи била утврдена дискриминација, а 30 биле отфрлени.

Во овие 12 случаи во кои била утврдена дискриминација, Комисијата ги утврдила следните облици на дискриминација во работните односи:

  • 5 случаи на директна дискриминација;
  • 2 случаи на директна дискриминација и индиректна дискриминација;
  • 1 случај на директна продолжена дискриминација (дискриминација што е вршена врз едно лице или група непрекинато, во подолг временски период, врз дискриминаторски основи), вознемирување и виктимизација (трпење на последици од лице поради преземање на заштита од дискриминација); и
  • 3 случаи на вознемирување.

Од Комисијата посочија дека дискриминацијата врз жените е направена врз следните основи:

  • 4 случаи врз основа на лично својство и општествен статус;
  • 2 случаи врз основа на политичко уверување;
  • 2 случаи врз основа на образование;
  • 1 случај врз основа на национална и етничка припадност;
  • 1 случај врз основа на пол, лично својство и општествен статус;
  • 1 случај врз основа на здравствена состојба; и
  • 1 случај врз основа на попреченост.

Од Комисијата информираат дека за 14 претставки постапувањето е во тек.

Атанасова од Македонското здружение на млади правници вели дека луѓето многу тешко се осмелуваат да поднесат тужби, особено кога станува збор за дискриминација.

„Кога зборуваме за дискриминација на жени, мора предвид да земеме неколку аспекти. Прво дека дискриминацијата врз жени, особено во работниот однос, тешко се препознава затоа што сѐ уште многу е распространето мислењето дека е право на работодавачот самиот да уреди со какви луѓе сака да работи и доколку не му одговара жена којашто оди на породилно или редовно зема боледување, може да ја отпушти поради тоа што други работници подобро ќе се вклопат во работниот процес“, рече Атанасова.

Поради овие случувања, има сѐ помалку финансиски способни жени кои можат да водат судски спорови и затоа многу ретко се решаваат да ги искористат правосудните механизми.

Токму поради тоа, како што вели Атанасова, тие ја користат опцијата за упатување на жените да поднесат барање до Државниот инспекторат за труд, за да направи увид и да види што се случува.

До трудовиот инспекторат испратив Барање за информации од јавен карактер за тоа колку жени поднеле претставки до нив по однос на ова прашање. Од таму одговорија дека Инспекторатот не води родова (полова) евиденција на претставките кои се поднесени од работниците и работничките.

Пред две недели, прашања за тоа колку пријави добиле од жени кои биле дискриминирани во работниот процес и како постапуваат по истите испратив и до Народниот Правобранител, но до објавувањето на овој текст не добив одговор.

Податоците од студијата за родова еднаквост на Реактор покажуваат дека многу мал број на жени пријавуваат дискриминација при вработување и на работните места.

Едноставно, општеството ја нафрла таа приказна дека штом работодавачот донел таква одлука можеби е во право. Дополнително, во нашето општество е прифатено и правилото дека жената е таа која исклучиво се грижи за децата и дека пред сѐ друго е мајка, а потоа работничка, рече Атанасова.

„Многу ретко жените препознаваат дискриминација и велат ‘да, ова е можеби правилното и со право можеби треба да останам дома. И можеби со тоа што барам повеќе, јас сум таа што прави штета на себеси и на своето семејство“, посочи Атанасова.

Многу жени, како што вели, се на работни позиции на кои најчесто не им се продолжуваат договорите, а тука е и фактот дека често добиваат вработување на нископлатени позиции. Како пример ја посочи текстилната индустрија, каде што најголемиот број од вработените се жени. Додаде и дека, како и другите, така и жените немаат доверба во системот.

Претседателката на Националниот совет за родова рамноправност, Савка Тодоровска посочи дека тие како организација го поддржуваат секој избор на жените.

„Нека биде земјоделка, нека биде домаќинка, и покрај тоа што има свое образование. Затоа треба да се признае и како земјоделка да биде платена, ама да биде платена и како домаќинка, со тоа што ќе плаќа придонеси кон државата како секоја друга вработена жена. На тој начин ќе може да зема и плата“, вели таа.

За дополнително да се информираат жените за дискриминацијата во работните односи потребна е превенција и работа на терен, вели Тодоровска.

Сепак, таа наоѓа големи забелешки кај оние кои би требало да помагаат во оваа насока – меѓународните организации.

„Дури и меѓународните организации кога поддржуваат одредени активности на граѓански организации, проблемите на жените ги ставаат ‘cross-cutting’, односно не ги опфаќаат доволно“, вели таа.

Жените сочинуваат 51 % од населението според последниот попис, и тие се поставени на сите позиции во секојдневието, но тоа не значи дека не се потребни кампањи насочени исклучително кон нив за да се охрабрат и да ги надминат стереотипните улоги и изборот на професијата, објасни Тодоровска, потенцирајќи дека овие стереотипи ја прават жената зависна.  

Државата, за да придонесе да се намали ваквата дискриминација, според Тодоровска, првично треба да го промени Законот за работни односи, со тоа што ќе направи родителското отсуство да биде поделено 50/50. Потоа, потребно е да се субвенционираат сервиси коишто ќе ѝ го оттргнат товарот на жената од стереотипот дека само таа треба да се грижи за домот, да чува деца и стари и изнемоштени лица, што било случај за време на пандемијата.

Според неа, државата и меѓународните организации треба да поддржат работа на терен со жените, се додека не го надминат стереотипот за своето место и улога.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk