Работничките права на сезонските работници се наш приоритет, вели Митровски
Работничките права на македонските сезонски работници се наш приоритет како синдикат, вели Митровски
Бобан Илијевски
Работничките права унапредени преку соработката на СУТ и СТУХ
Сакаме да им помогнеме на работниците коишто ќе одат на работа во Хрватска.
Вака започна изјавата за Порталот „Работник“, на Роберт Митровски, Претседател на Синдикатот за угостителство и туризам.
СУТ неодамна, потпиша Меморандум за соработка со Синдикатот за туризам и услуги на Хрватска – СТУХ. Со него се предвидува македонските работници коишто ќе работат во Хрватска да ги уживаат правата како и нивните хрватски колеги.
Спогодбата ја потпишавме за заштита и унапредување на правата на македонските работници коишто одат на сезонска работа во Хрватска. Досега, нашите работници се сооочува со големи проблеми. Едниот од нив е непочитување Законот за работни односи, неисплаќање на додатоци на плата итн., рече Митровски
Поради тие случувања, објасни Митровски, одлучиле да потпишат Меморандум за соработка со хрватскиот синдикат. Целта е да се унапредат и подобрат правата на македонските работници коишто ќе работат таму.
Македонските сезонски работници ќе ги имаат истите права како и нивните колеги од Хрватска, вели тој.
Потенцираше дека Колективните договори коишто ги има склучено хрватскиот синдикат, ќе важат и за нашите работници.
Нагласи и дека во оние компании каде што нема склучено Колективен договор, хрватскиот синдикат ќе обезбеди почитување на работничките права.
Митровски појасни дека синдикатот го прави сето ова, исклучително поради обезбедување на подобри работнички права и бесплатна правна помош за македонските сезонски работници.
Хрватска се соочува со голем недостиг на угостителски, хотелиерски и туристички работници
Хрватските угостители и хотелиери, пред секоја сезона активно бараат работници од околните држави, поради тоа што се соочуваат со голем недостиг на кадар во секторот.
Имено, минатата година, како што пишува Jutarnji.hr, барале 40,000 работници.
Порталот Biznis.rs, пак, вели дека мината година, до почетокот на мај биле изндадени 13,755 дозволи за престој и работа, најмногу во туризмот и угостителството.
Платите коишто ги нудат се движат од 600 до 1,000 евра, а покрај тоа нудат и плаќање на сите трошоци поврзани со патување, сместување и храна.
Во Хрватска, секоја сезона, на работа одат работници од многу држави низ светот, меѓу кои и од Македонија.

