Вести

Работни места треба да се отвораат во сите градови, за да жителите не треба да се преселуваат или патуваат за да работат

Желбата за иселување на младите од Македонија континуирано расте. Потврда за ова е истражувањето на Фондацијата за демократија на Вестминистер, каде учествувале 1,000 испитаници, кое покажува дека 58 % од младите би сакале да се иселат од државата, а 64,8 % не се задоволни со местото во Македонија.

Истражувањето на Младинскиот образовен форум од минатата година, во кое учествувале 800 испитаници вели дека 56,8 % од младите сметаат дека државата воопшто не придонесува за младите кои живеат во неразвиени рурални средини, а 61,4 % истакнале дека државата не придонесува дополнително за младите кои живеат во сиромаштија.

Се вели дека иднината на државата лежи во младината, па оттаму се прашувам каква иднина ќе биде нашата, земајќи го во предвид огромното незадоволство од страна на младите. Каква иднина не очекува кога најжешка тема на разговор помеѓу младите е каде да се иселат и во која држава има поголеми плати. Кога ќе го земеме ова во предвид, можеме лесно да заклучиме дека нашата иднина „виси на конец“, не знаејќи кога може да се скине. Преку оваа споредба сакам да ви доловам дека навистина нашата иднина е неизвесна и дека согледувајќи ја моменталната ситуација, далеку е времето кога работите ќе започнат да одат на подобро.

Еден голем проблем со којшто се соочуваме децении наназад, покрај недоволната развиеност на руралните средини, е и недоволното развивање на бизнис климата во одредени урбани средини. Иако има фабрики коишто се наоѓаат во некои од градовите во источна, централна и југозападна Македонија, сепак најголемиот дел од нив се во главниот град, Скопје. Поради тоа, голем дел од жителите на другите градови се преселуваат во Скопје за да работат, а некои, кои се поблиску до главниот град, секојдневно патуваат.

Сметам дека мора повеќе да се вложува во другите градови, за да луѓето коишто живеат таму, останат и работат. Истото ова го имаат кажано и претставници од бизнис секторот, но се‘ уште немаме ништо конкретно. Од Владата постојано велат дека работат на развивање на планските региони, но изгледа дека отворањето на работни места во градовите каде што нема инвестиции, не е дел од таа програма.

За руралните средни треба многу да се зборува, но и уште повеќе да се работи на нивно развивање. Селата во Македонија се повеќе и повеќе исчезнуваат. Некои имаат мал број на жители и истите се‘ уште немаат вода и канализација, односно основни услови за живот.

Надлежните треба да вложат максимум во обновувањето на селата, бидејќи и тие се дел од нашиот, како да речам, државен систем. Тоа што голем дел од луѓето се преселуваат во градовите не значи дека селата треба комплетно да се распуштат, напротив, треба да се работи на нивно оживување и да се изнајдат начини како би се привлекле луѓето да ги посетуваат или да живеат во нив, но исто така да се работи и на тоа да се привлекуваат туристи. Македонија има преубави пејзажи и обилни природни богатства кои би можеле да бидат привлечни за потенцијалните туристи. Со самото тоа што би привлекувале туристи, би отворале и нови работни места во туристичкиот сектор, на пример.

За младите кај нас, мислам дека би биле привлечни и зелените работни места, па оттаму треба да се работи и на нивно отворање.

Во овие четири години се отворени 18,000 нови работни места, сепак дали овој број доволен? Од друга страна, во јавниот сектор има 205,000 вработени или нивниот број е зголемен за 35,000. Според мене, треба многу повеќе да се обрне внимание на креирање на работни места во приватниот сектор, бидејќи јавниот е премногу гломазен.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk