Вести

Разочарани сме што Владата подготвува законско решение со кое работниците во приватниот сектор ќе се стават во понеповолна положба, велат од „Гласен Текстилец“

Соопштението на „Гласен Текстилец“ ви го пренесуваме интегрално:

„Гласен Текстилец“ со огромно разочарување ја доби веста дека Владата на РСМ подготвува предлог Закон за работно ангажирање на лица за вршење работи од привремена и повремена природа за одредени дејности во поедноставена постапка.

Нема крај на оваа лоша политика која се води, најпрво законите за бехтел и енка па потоа и предлог закон каде што се предлага одредени работодавци работниците да можат да ги исплатат на рака односно платата да им ја врачат лично во плик.

Иако ова се предлага, сепак повторно се прави дискриминација бидејќи сите работници од приватниот сектор повторно не се опфатени со оваа мерка која ја предлага Владата.

А како социјал демократска влада го укинаа дискриминирачкиот член од законот кој даваше помала плата на текстилните работници од работниците во другите индустрии. Но еве сега не враќаат назад 10 години со овој дискриминирачки закон.

Сивата (не легална) економија драстично расте, наместо да се изнаоѓа решение за сузбивање и намалување на истата, овде се дава амин на уште поголем процент на сива економија за која не алармира и Светска банка. Овде повторно исходот е таков со оваа погрешна политика која повторно се води на штета на работникот.

Наместо да се создава неканцерогена и здрава клима за бизнисите па така и за работниците во РСМ, овде нивото на нелојална конкуренција со поддршка од страна на Владата расте.

Со овој предлог закон,домашната економија полека но сигурно изумира и тоа е навистина жално за една држава која има голем потенцијал иако е мала.

Во која европска држава постои вакво нешто кое е регулирано во закон,каде што еден работник е ставен во понеповолна положба од друг? Зошто во предлог законот на Владата, во стартот се прави дискриминација на работниците?

Како „Гласен Текстилец“ ги повикуваме синдикатите,работодавачите од сите останати дејности кои не се опфатени овде, да застанеме рамо до рамо и да направиме притисок за ова штетно решение никогаш да не заживее и да не биде законски регулирано во ниту еден закон и никогаш да не стапи на сила.

Ги повикуваме сите пратеници од сите политички партиии дека ова законско решение не смее да се донесе,истите тие пратеници ќе треба да ги погледнат работниците во очи.

Доколку земаме сите плата во плик и би помагале со тоа свесно да има пораст на сивата економија во државата,тогаш како ќе се полнат пензискиот и здравствениот фонд, буџетот на Македонија и како ќе се исплаќаат и онака големите плати на функционерите и на целата администрација?