Ралповски оствари средба со Министерот Трипуновски – Се разговарало за склучување на колективен договор
Денес Претседателот на САДУ, Благоја Ралповски имаше конструктивен состанок со Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-дин Цветан Трипуновски, на кој се разговараше за склучување на нов Колективен договор и за унапредување на правата на вработените во министерството, државниот инспекторат и шумската полиција.
Министерот нѐ информираше во делот на обезбедување на бенифициран стаж за вработените во шумската полиција и екипирање на истата, но и за напорите кои Министерството ги вложува во враќање и мотивирање на земјоделците во производството на храна.
Како единствен репрезентативен синдикат договоривме во следниот период да се формира Комисија за колективно преговарање во која што како вистински синдикат ќе ги поканиме сите синдикални организации кои опстојуваат во делот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со цел да биде склучен Колективен договор кој што ќе биде прифатлив за сите страни.
Со големо задоволство се заблагодаруваме на Министерот, г-дин Трипуновски за неговото препознавање на социјалниот дијалог како најмоќна алатка за решавање на проблемите на работниците.

