МакедонијаСветот на работникотСиндикат

Раст на платите согласно минималната или просечната плата – Ќе ги прифати ли Владата предлозите на синдикатите?

Ќе се одважи ли Владата да ги исполни барањата на синдикатите за методологијата за раст на платите во јавниот сектор? Ова е едно од прашањата на кои би можеле да добиеме одговор по завршувањето на денешната седница на Економско – социјалниот совет која ќе започне во 14 часот.

Досегашниот предлог на Владата, платите во јавниот сектор да пораснат за 7,500 денари нето до 2028 година, неколкупати беше одбиен од страна на синдикатите.

За тоа зошто ваквиот предлог не е прифатлив, неодамна за „Работник“ откри и Претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Зошто предлогот на Владата за платите не е прифатлив за синдикатите? Разговор со Јаким Неделков, Претседател на СОНК

Тоа е така затоа што вредноста на коефициентот нема наеднаш да се зголеми за онолку колку што ќе биде разликата помеѓу растот на минималната плата, туку ќе биде во етапи од пет години“, рече Неделков.

Како што објасни, предлогот на Владата значи дека доколку во 2024 година минималната плата се зголеми за 10 %, вредноста на бодот нема да се зголеми за тој износ, туку за една петина од него.

За СОНК ова не е прифатливо, бидејќи за да се дојде до целиот процент на зголемување на вредноста на бодот, ќе треба да поминат пет години.

Според него, платите треба да растат процентуално, согласно минималната плата.

„Значи ако минималната плата ја утврдува Министерството за труд и социјална политика по претходно усогласени ставови на Економско – социјален совет, врз основа на податоците кои ги дава заводот за статистика, тогаш тоа треба да се преслика и во Општиот колективен договор, каде што минималната плата ќе се помножи со соодветниот коефициент на сложеност на работно место“, посочи Неделков.

Прифатливо е платите да растат и согласно просечната плата, но земајќи ја предвид состојбата во државата, пореално е истите да се усогласуваат со минималната плата на национално ниво.

И в.д Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов се согласува со ставот на СОНК и Конфедерацијата на слободни синдикати – платите да растат или согласно растот на минималната или просечната плата.

Последните случувања во државата – измените за 72 часовна работна недела и борбата за поголеми плати – ги обедини сите синдикати во Македонија.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk