Решението за оданочување на хонорарни работници треба да биде согласно македонската мера
МАКЕДОНСКА МЕРА-MACEDONIKUM ADMODUM
Тема: Оданочување на хонорарните работници
Има повеќе групи граѓани кои остваруваат приход преку хонорарно плаќање. Во минатото веќе имаше обид за оданочување, но имаше големо незадоволство кај оние кои хонорарно заработуваат. Потребно е да се стави еден ред во оваа сфера, но треба да се издвојат како групи оние на кои целиот приход им е од хонорарна работа, без оглед дали добиваат хонорар од едно или од повеќе места од оние на коишто земаат плата во рамки на работен однос заснован со договор за вработување, но хонорарот им е дополнителен и повремен приход. Не може и не смее да се стават сите во ист „кош“. Има и трета категорија луѓе кои се како подгрупа од втората всушност, тоа се лица кои имаат постојан приход и истовремено имаат постојан хонорарен приход (имаат втора работа која не им е уредена со договор за вработување). Лицата кои се веќе во работен однос и имаат приход како плата, веќе еднаш се оданочени и за нив се плаќаат придонеси.
За да се дојде до модел на оданочување на овие категории граѓани треба да се осмисли внимателно систем кој ќе зема предвид повеќе аспекти, ќе биде во висок степен правичен, но и ќе им овозможи на овие лица да добијат од државата квалитетни социјални и здравствени услуги, како и пензиско осигурување.
Решението кое ќе се изнајде треба да одговара на МАКЕДОНСКИТЕ ПОТРЕБИ, да биде согласно македонските можности, и подготвено по МАКЕДОНСКА МЕРА, насочено кон обезбедување благосостојба и подобар животен стандард.
Проф. д-р Лазар Јовевски

