ПравдаСветот на работникот

Сведоштво на болничарка: Работевме со ковид пациенти, но не добивме награда, а и платите ни доцнеа

Бобан Илијевски

Во клиниките при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ работат голем број на болничари и болничарки на договор на дело. Во редакцијата на порталот Работник се јави една од нив и ни ја раскажа својата приказна, но поради страв од одмазда, побара да остане анонимна. Поради тоа редакцијата реши во продолжението на текстот да ја именува со псевдонимот Бони. Нагласуваме дека нејзиниот индентитет и е познат на нашата редакција. 

Бони за „Работник“ раскажува дека на 23 јуни 2020 година започнала со работа во Клиниката за неврологија. Слушнала од нејзини блиски дека бараат болничарки, па решила да стане дел од здравствениот персонал. Кога отишла да праша во Клиниката, од таму и рекле дека им се потребни болничарки, посочувајќи и дека доколку прифати да работи, нејзината плата ќе изнесува 14,000 денари и дека, како што вели таа, истата ќе биде редовна. Бони прифатила, по што започнала со работа.

„Првата плата ни ја пуштија навреме, но потоа започнаа да доцнат по месец и пол вели таа. Потоа за два месеци ни пуштија една плата. Започна ковидот и ние се приклучивме во борбата против овој вирус. Ни рекоа дека ќе ни се зголеми платата, но повторно продолжија со доцнењето на платите“, вели Бони.

Таа истакна дека во април оваа година последен пат земале плата, нагласувајќи дека е веќе јуни и дека се уште ги нема добиено парите од платата за мај месец. 

Таа наведе дека ја прашала главната сестра на клиниката што е работата со платите, а таа и рекла да оди во Заеднички служби во рамките на Клиничкиот центар, од каде што ги земале платите. Од таму и рекле дека Клиниката се уште немала пуштено пари.

Вели дека кога се побуниле, главната сестра им побарала трансакциски сметки за да им бидат пуштени пари, но повторно не ги добиле. Таа им рекла дека побарале одобрение од Министерството за здравство за да им дадат договори на дело и дека чекале од нив одговор бидејќи немало конкурс. Бони нагласи дека неколку месеци тие немале потпишано никакви договори, со што работеле на црно, за да по некој месец им дадат да потпишат договори за месеците кои ги одработиле. 

Таа рече дека не им биле плаќани ниту дежурствата. Според Бони, на нејзините колешки од другите клиники им биле плаќани додатоците како дежурствата. Побаравме коментар и од главната сестра на Клиниката за неврологија која ни рече дека сите додатоци им биле вклучени во платата којашто ја земале.

Болничарката истакна дека добиле само мал дел од донациите коишто биле наменети за здравствените работници, па се запраша каде отишле останатите. 

Посочи дека се разболела од Ковид – 19 и дека морала да остане дома, потенцирајќи дека не зела воопшто пари додека била на боледување. 

На оние здравствени работници коишто се вработени во клиниките и коишто се бореа на првата линија на фронтот против Ковид – 19 им следуваше еднократна награда од 27, 000 денари. Бони вели дека и тие требало да земат награда, иако не се постојано вработени во Клиничкиот центар. 

Порталот Работник испрати прашања до Министерството за здравство, околу тоа дали на болничарките коишто се на договор на дело им следува награда за работа со ковид пациенти, но од таму не добивме одговор.

Министерот за здравство Венко Филипче во декември минатата година изјави дека 7,600 здравствени работници кои работеле со ковид пациенти ќе добијат 30,000 денари еднократна награда (27,000 денари нето). Во истата изјава не се споменува каков работен статус треба да имаат здравствените работници за да ја добијат наградата. 

Редакцијата на Порталот Работник дојде во контакт и со друга вработена во Клиниката за неврологија која ни го потврди сето ова што го кажа нашата соговорничка, но и таа поради страв од губење на работното место сакаше да остане анонимна. Нејзиниот идентитет и е познат на редакцијата на Порталот Работник.

Фото: Freepik