Секој петти граѓанин во Македонија е сиромашен
Секое петто лице во Македонија живее под прагот на сиромаштија, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика за 2024 година. Стапката изнесува 21,9 проценти, пресметана според европската методологија заснована на медијалниот приход.
Прагот на сиромаштија е дефиниран како 60% од медијалниот еквивалентен приход, што за едно лице изнесува 178.286 денари годишно, а за четиричлено семејство околу 374.400 денари. Податоците укажуваат дека државната поддршка има клучна улога во намалувањето на сиромаштијата. Без социјални трансфери и пензии, речиси секој втор граѓанин би бил сиромашен, стапката би достигнала 39,4 проценти.
Најранливи се децата, каде сиромаштијата изнесува 29,5 проценти, како и самохраните родители и семејствата со три и повеќе деца, кај кои ризикот надминува 50 проценти. И покрај вработеноста, сиромаштијата не исчезнува целосно, речиси 8% од вработените живеат под прагот. Кај невработените, таа се искачува на 45,7 проценти.
Индикаторите за нееднаквост, како коефициентот на Џини од 29,2%, дополнително потврдуваат дека приходите во земјата остануваат нерамномерно распределени.

