Останато

Силни на уста, ужасни во пракса

Спроведување во пракса – фраза којашто често се споменува, но останува само тоа – спомената. Изговорена колку да се изговори.

Често пати размислувам зошто сме толку многу насочени кон теорија, а толку малку кон пракса или емпирија. Еве на пример законите. На хартија или во теорија ни се толку добри, а во пракса… а во пракса, па не знаеме како се во пракса, бидејќи многу малку ги спроведуваме. Оттаму, може да се извлече заклучокот дека нашите политичари се големи практичари на теорија, а мали практичари на пракса. Знаете на што мислам, нели? Верувам дека знаете.

Проблемот на неспроведување на законите во пракса е одамна, уште од формирањето на суверена Република Македонија по распадот на Југославија. Тоа е проблем којшто никако не успеваме да го решиме, не поради тоа што не можеме, туку од многу едноставна причина што не сакаме. Зошто не сакаме, односно не сакаат, е тоа ќе треба да ги прашаме оние коишто ја воделе, ја водеа и ја водат нашата држава.

Кога се работи за законите, можам да зборувам за оние коишто се однесуваат на сферата на работните односи. На пр. Законот за минимална плата повеќе се спроведува во теорија, додека во пракса се спроведуваат оние членови коишто ѝ одговараат на власта. Класичен пример е неспроведувањето на членот 8 кој пропишува дека минималната плата треба да се усогласи со Колективните договори во рок од шест месеци. Овој член одамна не се спроведува. Друг пример е Законот за безбедност и здравје при работа, којшто исто така се спроведува селективно. До душа, речиси се во Македонија е селективно. Оние коишто се блиски до власта (не зборувам само за актуелната власт туку и за претходните) го добиваат најголемиот дел од колачот, додека останатите ги јадат нивните остатоци. Знам дека звучи сурово, но животот, а и реалноста се сурови. Мислам дека ние тоа многу добро го знаеме. Кога велам НИЕ, мислам на ние коишто останавме да ја градиме нашата нестабилна иднина во оваа држава.

Нејсе, да се навратам на законите, поточно на Законот за безбедност и здравје при работа. Неодамна како новинар ја отворив темата за казните наменети за, да ги наречам несовесни работодавачи коишто ги прекршуваат одредбите што произлегуваат од истиот овој Закон. Овие казни, доколку гледаме објективно се многу благи. 200 евра е казната за најмалиот прекршок и истата се изрекува на малите компании, додека казната за потешките прекршоци е 600 евра. Највисоката казна која се изрекува на големите компании е 4,000 евра и тоа за најтешките прекршоци дефинирани во Законот.

Сега тука има една фината – доколку несовесниот работодавач ја плати казната во рок од 8 дена, таа ќе изнесува 50 % од првичниот износ. Тоа значи дека доколку првичната казна е 200 евра, ќе плати само 100; доколку е 600, ќе плати само 300 и доколку е 4,000 евра, ќе плати само 2,000 евра. Реално гледано, 200 евра казна не е ништо за малите компании. 2,000 евра пак, се уште поголемо ништо за големите компании. Земајќи го во предвид износот на казните, но и финансиските обврски коишто ги наметнува Законот, за коишто немам точно податоци колку изнесуваат, но еве претпоставувам дека се поголеми од казните, на овие работодавачи повеќе им се исплати да плаќаат казни, отколку да ангажираат стручно лице за да направи процена на ризик на работните места.

На почетокот тргнав да ја анализирам релацијата теорија – пракса, но навлегов малку подлабоко во Законот за безбедност и здравје при работа. Тоа го направив од причина што сакав да ви доловам како стојат работите со законите во нашата држава.

Како и во речиси сите сегменти во нашето општество, така и во сегментот на работните односи доста нешта се сведени само на теорија и полемизирање, додека во пракса се дејствува многу малку.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk