Славески: Не може истовремено да се замрзнуваат цените и да растат платите – ветувањето за раст на минималната плата е популизам
Да ги потсетиме граѓаните дека инфлацијата од месец во месец споредена со периодот од изминатата година е се поголема, како општ пораст на цените. Имавме стапка на пораст на цените на мало од 5,6 % овој септември во однос на минатиот. Трошоците на живот нешто се помали затоа што различни групи на производи се ставаат во следењето на промената на пресметката на цените, но она што најмногу засега еден добар дел од граѓаните, а ние сме земја со граѓани кои имаат низок доход, односно сиромашни граѓани, каде што цените за храна, сместување, енергија зафаќаат огромен дел од семејните буџети, а само малку останува за нешто друго, како школување за децата и некои други потреби, да не зборуваме за некои луксуз, истакна поранешниот министер за финансии и Универзитетски професор Трајко Славески во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа ТВ.
„Токму цените на овие производи се зголемени со процените коишто се меѓу четири и пет пати повисоки од општиот просек на порастот на цените. На пример имате кај маслото за јадење, житарките, она што ги преплаши граѓаните дека има намера да се зголемуваат цените до крајот на годината на животните продукти и до 50 %, месото, млекото, млечните производи. Оттука, во една таква ситуација, од една страна високи владини претставници најавуваат замрзување на цените, а од друга страна слушаме дека премиерот повторно подгрева некои илузии дека платите можат непречено да растат во недоглед. Тоа е чисто популистичка мерка“, рече Славески.
Тој истакна дека неговиот револт бил токму поради најавата на премиерот за зголемување на минималната плата до крајот на годината на 18,000 денари од сегашните 15,200 денари. Посчи дека тој тоа го окарактеризирал како неморално ветување затоа што е популистичко и е еден вид на виртуелен поткуп на гласови, заради тоа што не се зголемуваат платите. Напротив, во одредени сектори се отпуштаат работници, а има едно ветување коешто не е остварливо и доколку на тој начин се планира само ги подгрева тие очекувања за висока инфлација.
„Не е видено во досегашната практика на водење на економската политика, во исто време да најавувате замрзнување на цени и зголемување на плати. Во периоди кога сме имале ситуации со висока инфлација, и во поранешната СФРЈ, а и некаде 70 -те години како резултат на нафтените шокови, некои развиени земји применија привремено замрзнување и на цените и на платите, за да се разбие таа спирала на бркање меѓу цените и платите. Никој не е против зголемување на платите на сите нас, вклучитено и на оние коишто се најслабо платени, но знаеме дека тоа треба да биде проследено со пораст на продуктивноста на трудот, економски раст итн. Како може ние да очекуваме реално да ги зголемуваме платите, значи реално, а тоа значи дека парите ќе ја задржат куповната моќ, а не да ја губат како сега“, истакна Славески.
Славески подвлече дека една од последиците на инфлацијата е намалување на куповната моќ на парите, давајќи пример дека дека она што сме можеле да го купиме со 1,000 денари пред една година, за истото сега ни требаат најмалку 1,200 -1,300 денари, како што стојат работите во зависност од тоа која е структурата на потрошувачката кошница.

