НовостиПравдаСветот на работникот

Петковски: Ако мислат дека треба така, политичарите нека излезат да работат заедно со работниците на отворено

   Време за читање 6 минути

Бобан Илијевски

Работењето на отворено на екстремно високи температури може да се спречи со буквално почитување на Законот за безбедност и здравје при работа, а тоа е дека за секое работно место треба да се направи проценка на ризик, вели Милан Петковски, Претседател на Македонското Здружение за заштита при работа, во изјава за порталот Работник.

Според него, потребно е да се анализираат ризиците, а во овој случај тоа се ризиците поврзани со интензивното сончево зрачење и со интензивната топлина и врз основа на тоа да се применат соодветни мерки.

„Ако тие мерки го подразбираат барем она Владата што го препорачува, а тоа е да не се работи во периодот од 11 до 17 часот, тогаш нека го применуваат буквално“, вели Петковски.

Тој имаше објавено неколку објави на фејсбук, во кој реагираше за тоа што работниците асфалтираат патишта на високи температури и во истите тој порача да се остави политиката на страна и да се води сметка за безбедноста и здравјето на работниците.

Петковски за „Работник“ појаснува дека она што го иритирало во изминатиот период се политичките игри коишто се спроведуваат во Македонија.

„Голем број од оние политички актери за да докажат дека нешто работеле во изминатиот период, ги користат овие неколку месеци пред локалните избори за да ги форсираат градежните работници да во ова време асфалтираат улици, реконструираат детски игралишта, со што доаѓаат во ситуација интензивно да работат во период кога е најопасно да се работи и е најголема веројатноста да работникот го загуби своето здравје“, вели Петковски.

Тој порачува дека ако сметаат дека тоа треба да се направи така, први нека предводат, први нека излезат и за целото време додека работниците се на отворено, нека бидат и оние коишто се во климатизирани простории и кои се грижат за тоа дали ќе победат на следните избори.

На прашањето на порталот Работник, дали наместо препораки, Владата требаше да даде наредби за да не се работи на отворено во дадениот период, Петковски истакна дека треба да се разбере една работа во светот на продавањето и купувањето на трудот – тие се тие работници коишто го продаваат својот труд и своето знаење и врз основа на тоа тие создаваат додадена вредност за конкретен работодавач.

„Доколку тие работници не се појават на работното место, работодавачот нема да ја заврши работата. Тоа е толку едноставно правило. Она што всушност го прави секоја Влада во изминатиот период е поаѓањето од правнички недоречени прописи, а всушност тие препорачуваат, односно тие се оние добрите кои им даваат упатства на тие што не знаат – работодавачите и работници коишто всушност треба да разберат дека во тој конкретен период не треба да се работи кога се присутни овие штетности“, вели Петковски.  

Петковски смета дека синдикатите треба да се изборат за тоа, препораката којашто ќе ја даде Владата, тие да ја вметнат во Колективните договори, со тоа во истите би се потенцирало од кога до кога не смее да се работи.

Владата е во многу комотна ситуација, наведува Петковски, дополнувајќи дека таа не може да ги предвиди сите можни ситуации на терен.

„Можеби некој градежен работник работи на недиректна изложеност на сонце. Можеби температурата е присутна, но можеби под сенка таа е пониска од таа што е наведна во препораките. Значи, можностите на терен се бројни. Сето тоа за да не биде предмет на разни толкувања од различни експерти, потребно е синдикатите да бидат паметни и сето тоа да го преточат во нивните колективни договори за коишто е задолжително да бидат на сила во секоја компанија“.

Тој додава дека синдикатите треба да се договорат директно со работодавачите и да се вметнат вакви одредби во Колективните договори, наведувајќи дека се останато е импровизација.

Кога станува збор за работа во екстремни услови, Петковски смета дека она што најчесто се случува во Македонија е дека секој си зема за право, да во одредени услови, се прави дека ја разбира проблематиката и врз основа на тоа да дава свои ставови.

Неговото мислење е дека полека треба да ги напуштаме тие површински решенија, каде што луѓе коишто се разбираат од тоа како треба да се регулира озонска обвивка до тоа како да се пристапува во кризата со Ковид – 19, да постојано ги имаме тие луѓе како советодавни лица.

„Има експерти за конкретни области. Тие експерти во одредени ситуации треба да бидат искомуницирани и да се наоѓаат мери, затоа што има една ситуација во која и навидум комплицирани решенија можеби и воопшто не се потребни додека вистинскиот човек на вистинско место се консултира“, рече Петковски.

Тој направи една паралела – „вие нема да одите на врач за да ви бае и да ве излечи од некоја болест. Искуството ни покажува дека треба да одиме кај одреден специјалист кој ја познава конкретната област и за најкратко време ќе го понуди најдоброто решение“, посочувајќи дека ова правило треба да важи за сите струки, доколку сакаме Македонија да функционира како едно синхронизирано швајцарско сатче.

Во секоја друга алтернатива, ќе го имаме тоа што го имаме сега – неспособни луѓе коишто не ја владеат проблематиката, да бидат прашувани, а тие прибегнуваат кон препораки.