ПравдаСветот на работникот

СОНК бара нападите врз наставниците да се третираат како напади врз службено лице

Пред пет дена ученик претепа наставничка во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Скопје. Тој нападнал повеќе деца на голем одмор, па кога дежурната наставничка по географија се обидела да ги раздели, тој ја турнал земја, ја удирал по глава и ѝ го фрлил мобилниот телефон на подот.

Наставничката добила лекарска помош од Итната медицинска помош, таа се жалела на повреди на главата и вознемиреност. Ученикот и претходно правел слични проблеми, станува збор за дете без родители, пренесоа медиумите.

Инаку, детето е на возраст од 14 години и е згрижено во групен дом и истото не може кривично да одговара.

Нападот врз наставничката изнуди и реакција од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК, чиј претседател Јаким Неделков преку фејсбук статус го осуди насилството.

„Бараме измени на законските решенија во правец на заштита на просветните работници и секој напад врз наставник да се третира како напад врз службено лице на работно место“, напиша Неделков.

Тој побара и да се зголемат казните за сторителот и неговиот родител – старател.

„Сите заедно , сите чинители во воспитно-образовниот процес да работиме на враќање на достоинството на просветните работници“, додаде Неделков.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk