НовостиПравдаСветот на работникот

Со измените на Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта трајно се решава работниот однос на околу 3 илјади лица

   Време за читање 4 минути

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 65-та седница на Владата и одговараа на прашања на новинарите.

Информирајќи за одлуките на вчерашната 65-та владина седница, портпаролите истакнаа дека на предлогот на Министерството за образование и наука, Владата вчера го утврди текстот на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за наставниците и стручните соработниците во основните и средните училишта.

Со ова се создава правна и економска сигурност на наставниците и стручните соработници преку засновање на работниот однос на неопределено време. Претходно наставниците и стручните соработници беа неколкупати вработувани на јавни огласи на определено време пред да ги исполнат условите за трансформација на работниот однос.

Преку оваа измена се подобруваат можностите за професионален и кариерен развој и се воведуваат нови можности за стручните соработници. Со предложените измени ќе им биде трансформиран работниот однос од определено на неопределено време на околу 3 илјади наставници во основните и во средните училишта.

На вчерашната седница е утврдена содржината на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование од кој се очекува да се подобри квалитетот на учебниците во основното и средното. Се обезбедува транспарентност на постапките за набавка на учебници, се поставуваат механизми за контрола на содржината за да се спречи на влез на дискриминирачки содржини. Се обезбедува дигитализација и пристапот на учебници за лицата со оштетен вид.

Од прво до трето одделение учениците ќе користат учебници во печатена форма, а од четврто до деветто одделение во основното образование, како и учениците во сите години од средното образование ќе користат учебници во дигитална форма и наставен и дидактички материјал во електронска форма.

Портпаролите информираа дека Владата на вчерашната седница ја донесе Одлуката за начинот на користење на средства за репрезентација во Министерствата и другите органи на државната управа со која за прв пат се ограничуваат трошоците за угостителски услуги во државата при одржување работни состаноци. Точно е определен износот кој може да се користи по лице присутно на состанокот, а ограничувањето на износот е во зависност од функцијата на лицето коешто го организира состанокот.

Во одлуката е предвидено дека во случај на непочитување на одредбите на оваа одлука против раководителите опфатени со неа може да се применуваат една од утврдените мерки во член 23 од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.

Исто така информираа дека на седницата е усвоена информацијата на Министерството за животна средина и просторно планирање за подготвено решение за одобрување на планот за ремедијација на локацијата на „ОХИС“ со планот за конечна деконтаминација на линданот во кругот на фабриката.

На вчерашната седница Владата ги утврди измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита со кои се уредува и начин на вршење на здравствена дејност од страна на приватните здравствени установи при постоење на кризна состојба – епидемија или пандемија. Истовремено ѝ се овозможува законско овластување да определува највисоки цени во приватните болници во висина на референтните цени утврдени од страна на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.

Со предложените законски измени е предвидено и користење на ресурсите на приватните болници доколку условите го наложуваат тоа согласно состојбата предизвикана од пандемијата со  КОВИД-19.