Спиете на работа? Во Јапонија би ви рекле: „Секоја чест!“
Додека на Западот дремката во канцеларија се смета за врв на непрофесионализам, мрзеливост или дури и причина за отказ, во Јапонија ситуацијата е сосема поинаква. Таму постои културен феномен наречен инемури, кој буквално значи „да бидеш присутен додека спиеш“.
Станува збор за општествено прифатена навика за дремење на јавно место, па дури и среде работното време.
Што всушност е „инемури“?
Инемури не е длабок сон во удобен кревет. Тоа е дискретна, кратка дремка во седечка положба – во метро, на клупа, во кафуле, па дури и за време на состаноци или конференции. Клучната работа е што личноста и понатаму изгледа како да учествува во реалноста: седи исправено и е подготвена во секунда да им се врати на обврските.
Спиењето како доказ за посветеност
Во Јапонија, на оваа појава не се гледа како на избегнување на работата, туку како на доказ за преголема посветеност. Ако заспиете на работното биро, тоа се толкува како знак дека сте работеле толку напорно и долго што вашето тело едноставно морало да побара краток предив. Тоа е тивок општествен договор и признание дека никој не е робот.
Сепак, постојат непишани правила:
- Без лежење: Мора да спиете во седечка положба. Лежењето се смета за невкусно.
- Суптилност: Главата која полека тоне е во ред, но ’рчењето или целосното опуштање не се прифатливи.
- Хиерархија: Интересно е што инемури е општествено поприфатлив за вработените на повисоки позиции, иако го практикуваат сите.
„Power nap“ како бизнис алатка
Додека ние се обидуваме да го победиме попладневниот пад на енергија со кофеин, науката застанува на страната на Јапонците. Студиите на НАСА покажаа дека кратката дремка (т.н. power nap) може да ги подобри перформансите за 34% и будноста за дури 54%.
Идеалното траење на ваков одмор е помеѓу 10 и 25 минути. Сè што е подолго од тоа може да доведе до „инерција на спиење“ – она чувство на дезориентираност по будењето кое всушност ја намалува продуктивноста.
Иако веројатно нема да можете да заспиете на утрешниот состанок без последици, инемури нè учи на важна лекција: дека краткиот одмор не е знак на слабост, туку инвестиција во подобри работни резултати. Можеби е време наместо уште едно еспресо, да пробате со дремка од 15 минути?
Извор: BIZlife.rs

