Колумни

Сплотеност и трпение: Што воопшто е лесно во животот?

Анти-синдикалниот отпор во македонскиот приватен сектор е неоспорен факт.

Иако многу компании, за жал, сѐ уште се анти-синдикално настроени и активно се противат на формирањето на работнички организации, тоа не смее да биде непремостлива пречка. Единствени начини за да се премине преку ваквата настореност се упорноста и истрајноста.

Во тоа, секако, мора да им помогнат и националните синдикати. Нивната улога не завршува само со декларативна поддршка. Тие имаат капацитет и обврска да направат многу повеќе: не само да ги едуцираат вработените за нивните права, туку и да обезбедат правна и финансиска заштита за работниците кои ќе се охрабрат да го преземат првиот чекор.

Треба да се земе пример од битките на американските компании како Amazon и Starbucks.

Овие корпорации се до тој степен капиталистички ориентирани што многумина не веруваа дека синдикалното организирање во нив воопшто може да опстане. Сепак, работниците, и покрај огромниот отпор на раководствата, успеајаа да формираат синдикати. Ова е огромна победа на работничкиот дух.

Точно е: вработените во овие компании сѐ уште водат мачна битка за да изборат прв колективен договор. Тоа е класична корпоративна тактика – да се одолговлекува преговарањето со години, со цел да се исцрпат и демотивираат синдикатите. Но, и покрај овие тешкотии, останува најважниот факт: тие ја постигнаа целта да формираат синдикални организации.

Ништо не може да се постигне без трпение и работа. Уште од 2019 година, откако почнав да ги објавувам овие кратки колумни, го велам истото: мора да се започне од некаде.

Во случајот со синдикалното организирање, мора да се започне од свесноста и сполтеноста на самите вработени. Никој не рече дека ќе биде лесно, а и што впрочем е лесно во животот? Ништо. Како што вели татко ми, тешко е и само да седиш постојано на едно место, бидејќи ќе почне да те боли задниот дел.

Затоа, мора да се работи на сплотување на вработените. На организирање. Друг начин за постигнување на подобри работнички права нема.

Колумната не ги изразува официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk