Стојанова за Работник: И покрај немањето на соодветна обука, наставниците се справуваат со предизвиците на наставата од „далечина“
Наставниците, учениците и родителите се соочуваат со нов предизвик, наречен online настава или настава од „далечина“ којашто се применува поради затворањето на училиштата, како последица на пандемијата на корона вирусот.
Сања Стојанова, Одделенски наставник во ОУ „Љубен Лапе“ – Скопје во ексклузивно интервју за порталот Работник ги посочува предностите, недостатоците и предизвиците со коишто се соочуваат наставниците, учениците и родителите, користејќи го овој релативно нов метод на настава во нашата држава.
Во продолжение целосното интервју:
Работник: Како се одвива процесот на настава од далечина? За Вас како просветни работници кои се предностите, а кои се недостатоците на овој метод?
Учењето на далечина е прв и единствен предизвик во досегашното наше искуство како просветни работници и воопшто за целото општество.
За прв пат во нашата држава се соочуваме со ,,вонредна состојба,, и за проект вонредни услови за учењето. Училиштата се затворени, но ние како просветни работници се соочуваме со поинаков начин на предавање што е надвор од училница а учениците со поинаков и нов вид на учење исто така надвор од училница.
Предност на учењето на далечина е тоа што МОН во меѓу време изготви неколку платформи кои им помагнаа на наставниците за далечинско пренесување на знаењата на учениците, како и презентација на наставни содржини од страна на наставници кои се реализираат на каналите на националната телевизија.
Во реализација на наставата има голем дел на недостатоци и потешкотии . Наставниците немаат усогласена платформа по која што сите би работеле, туку секој наставник си наоѓа начин на кој ќе работи. За овој начин на работа недостаток е што наставниците не се обучени, не поминале обуки и семинари за онлајн настава и оценување.
И начинот на оценување е индивидуален, земајки во предвид дека одделенските и предметните наставници вложуваат вонредна активност за да одговорат на интересот и работата на секој ученик и секако на крајот да оценат праведно.
Еден од недостатоците на изведување на оваа настава е што во одделни делови од земјата интернетот не е достапен за сите и тој претставува голем проблем како за наставниците така и за учениците. Затоа Министерството за информатичко општество и администрација пред себе треба да си постави задача да го реши проблемот да биде насекаде достапен. На тој начин ќе се олесни работата на наставниците и на учениците. Во руралните средини и во социјално загрозените семејства учениците не се во можност да имаат интернет, компјутер или паметен телефон, затоа МОН треба да преземе соодветни мерки со кои сите ученици би можеле да ја следат онлајн наставата. Со таква помош сите ученици ќе се чувствуваат посреќни и успешно ке ја изведуваат наставата.
По прекинот на редовната настава поради прогласување на вонредна состојба заради пандемија од ,,Корона вирус“ наставниците пристапија кон креирање и прилагодување на наставните програми за on line реализирање и учење.
И покрај сите потешкотии со кои првично се соочи наставниот кадар за реализирање на on line настава, бидејќи тежината во целост падна исклучиво на наставниците, сепак тие ги прифатија предизвиците и успешно се справија со истите, со цел наставниот материјал успешно да се реализира и усвојува од страна на учениците. Особено внимание е посветено на програмите на учениците од помала возраст затоа што тие не се оспособени да ракуваат со компјутери и не можат самостојно електронски да одговорат на барањата, но во соработка со родителите успешно ја следат on line наставата. За таа цел одделенските наставници од прво до трето одделение наставата ја изведуваат на посебен начин со тоа што на учениците им нудат убаво разработени планови, презентации за полесно совладување на материјалот, наставни листови, проверки на знаења и други видови на активности кои се доследни за нивната возраст, а кои би придонеле за целосно усвојување на материјалот. Изработените задачи од страна на учениците се испраќаат за проверка кај наставникот. Наставникот е запознаен со извршената задача и работа на секој ученик, со сите потешкотии со кои се соочил ученикот доколку ги имало и со заемна комуникација се труди истите да се надминат. Во изработката на задолженијата во однос на техничка помош, голема помош имаме и од родителите на кои им изразуваме голема благодарност од издвоеното време бидејќи тие имаат и свои задолженија на своите работни места. Помеѓу наставникот, ученикот и родителот постои взаемна соработка со цел да им се олесни наставата на учениците.
Работник: Кои програми ги користите за одржување на наставата од далечина?
За одржување на онлајн наставата се користат програмите ZOOM и GOOGLE CLASSROOM и GOOGLE DRIVE, EDUINO, Mail, Viber.
Со употреба на овие програми наставникот е повеќе ангажиран и е изложен на повеќе материјални трошоци.
Преку овие платформи нашето училиште ja изведува наставата од далечина и применува при одржување на одделенските и наставничкиот совет.
Работник: Што е со работното време? Колку часови дневно работите користејќи го овој метод на настава? Дали треба и што треба да се подобри во овој метод на настава?
Работното време како и материјалните трошоци на наставникот се зголемени со изведување на on line настава затоа што се користат сопствени ресурси. Со оваа наставна програма е продолжено и работното време со оглед на тоа дека интернетот не е во постојана функција, а и поради тоа што во една фамилија има еден компјутер и едно четири члено семејство каде треба секој да седне да ги заврши своите обврски од дома, бидејќи знаеме дека и дел од родителите работат од дома, ретко се праќаат повратните информации од учениците на време и предвидениот термин од наставникот, затоа што едноставно не е можно кога работат сите од дома на еден компјутер, што значи наставникот треба да е достапен преку целиот ден за комуникација со ученикот. Поради тоа наставникот треба постојано да го користи секој момент во денот за извршување на своите работни обврски. Често пати се случува да стануваме во раните утрински часови за да ги извршиме своите работни обврски како на пример пополнување на електронскиот дневник со потребните податоци кои се бараат од страна на МОН.
Затоа е потребно:
- Да се обезбедат подеднакви услови за сите деца и родители.
- МОН, БРО и ЦССО да изготват скратена програма до завршување на наставната година.
- да ги минимзираат напатствијата за административни работи на наставниците, и тие да се сведат на минимум
Во ваква кризна ситуација МОН, БРО и наставниците пронајдоа заеднички модел на работа и со тоа не дозволија учениците да станат пасивни и наставата да се реализира според дадените насоки.
Јас како просветен работник во време на вонредни услови ја подржувам оваа програма и изразувам благодарност кон МОН и БРО што во вонредни услови за кратко време изнајдоа начин и модел- on line настава со кој ни помогнаа полесно да ги надминеме овие тешкотии со кои се соочивме и за кратко време успеавме учениците да продолжат со изведувањето на наставната работа и успешно ја завршат учебната година.

