ЕУ воведува нови правила за авионски патувања: Бесплатни седишта за родители со деца и поголема заштита на патниците
Европскиот парламент усвои реформа со која значително се прошируваат правата на патниците во воздушниот сообраќај. Новите правила предвидуваат поголема транспарентност при купување билети, полесна постапка за добивање обесштетување и бесплатно седење на родителите покрај своите деца.
Според новата регулатива, авиокомпаниите повеќе нема да смеат да наплатуваат дополнително за семејствата да седат заедно. Исто така, при резервирањето на билетите ќе мора јасно да ги прикажат сите дополнителни трошоци, како што се багажот и изборот на седиште.
Патниците и понатаму ќе имаат право на компензација ако летот доцни три часа или повеќе по вина на авиокомпанијата. Надоместот останува од 250 до 600 евра, зависно од должината на летот, а истите правила важат и за откажани летови во одредени случаи.
Дополнително, авиокомпаниите ќе бидат обврзани да ги информираат патниците како можат да побараат обесштетување, а на секое барање ќе треба да одговорат во рок од 30 дена.
Новите правила ќе важат за сите авиокомпании од Европската Унија, како и за странските превозници што полетуваат од аеродроми во ЕУ. По конечната потврда од земјите членки, компаниите ќе имаат една година да ги применат измените.

