Светот на работникот

Вештачката интелигенција ѝ го промени животот – била успешна инженерка, а денес меси леб и не се кае

Сабрина Лим од Сингапур одлучила да ја напушти сигурната работа како софтверски инженер и целосно да го промени својот животен пат. Иако денес на шега вели дека својата магистерска диплома „ја фрлила во вода“, уверена е дека одлуката целосно ѝ се исплатила.

Инспирацијата за нов почеток ја добила за време на патување во Јужна Кореја, каде што првпат го пробала познатиот солен леб. Толку многу ѝ се допаднал што посакала сама да научи да го подготвува, иако дотогаш немала никакво искуство во пекарството.

Лим магистрирала инженерство на Империјалниот колеџ во Лондон, по што работела како софтверски инженер, а подоцна и како програмер во една голема банка. По неколку години во ИТ-секторот, сфатила дека сака да изгради нешто свое.

Во 2025 година дала отказ и целосно се посветила на печење леб.

Неизвесен почеток, но силна поддршка

Таа признава дека одлуката не била лесна. Стравувала да ја напушти стабилната работа и да започне нешто сосема ново без јасен план. Сепак, се сметала за привилегирана бидејќи немала финансиски обврски, а нејзиниот партнер ја поддржувал додека го развивала сопствениот бизнис.

Освен финансиската неизвесност, чувствувала и притисок од околината. Како личност која потекнува од азиско семејство и има диплома од престижен универзитет, очекувањата биле да продолжи кариера во својата професија. Наместо тоа, решила да ги следи сопствените желби.

Почетоците биле исполнети со неуспешни обиди. Со месеци не успевала да добие посакуван резултат, бидејќи рецептите што ги наоѓала на интернет не функционирале во влажната клима на Сингапур. Ги менувала состојките и техниките, а нејзиниот сопруг, како што вели низ смеа, морал да ги дегустира сите неуспешни верзии на лебот.

Во меѓувреме, почнала да го споделува својот напредок на социјалните мрежи и јавно си поставила цел – за помалку од 100 дена да започне со продажба на своите производи.

ТикТок донесе неочекувана можност

Неочекуваната шанса дошла кога сопственик на едно кафуле ја контактирал преку TikTok и ѝ понудил бесплатно да ја користи неговата професионална пекарница во термините кога локалот не работел.

Со помош на професионална опрема и совети од искусен пекар, конечно успеала да го направи лебот што го замислувала. Денес купувачите можат однапред да ги нарачаат нејзините производи преку веб-страницата, а досега успешно организирала неколку поп-ап продажби.

Нејзиниот план е понудата да остане едноставна – еден основен производ со нови вкусови кои ќе се менуваат секој месец.

Вештачката интелигенција како деловен партнер

Во текот на целиот процес значајна улога имала и вештачката интелигенција. Лим ја користела алатката Gemini за да споредува различни рецепти и подобро да ги разбере процесите што стојат зад подготовката на лебот. Кога ќе се соочи со проблем, од AI алатката бара објаснувања и предлози за негово решавање.

Вештачката интелигенција ѝ помага и во водењето на бизнисот. Со нејзина помош подготвува објави за социјалните мрежи, ја организира продажбата и креирала систем за нарачки кој, според неа, ја намалил административната работа за околу 80 проценти.

Најголемиот предизвик не е печењето

Сепак, Лим истакнува дека најтешкиот дел не е подготовката на лебот, туку привлекувањето купувачи и претворањето на следбениците на социјалните мрежи во вистински клиенти. Секојпат кога најавува нова продажба, сè уште чувствува страв дека можеби никој нема да се појави.

И покрај тоа, задоволна е од досегашните резултати. Веќе ја остварила својата прва голема цел – започнала да продава леб за помалку од 100 дена откако решила целосно да го промени својот живот.

Сега размислува за следниот чекор: дали да инвестира во проширување на бизнисот, да вработи помош или да продолжи да расте со сопствено темпо.

Извор: Bizportal.rs