ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

СТРАТЕГИИ И АНАЛИЗИ ЕДЕН КУП! Потребни се мерки за неразвиените региони да не завршат како напуштените села

Општо познато е дека македонските граѓани, оние кои се сѐ уште во Македонија, најчесто го избираат Скопје како град каде што се преселуваат со цел да се вработат. Со самото тоа што внатрешната миграција во најголем дел е насочена кон главниот град, другите општини во Македонија во најголем дел се празнат.

Според Анализата на Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“ со наслов „Дијагностика на општинските пазари на труд во Северна Македонија“ од 2022 година, стапката на невработеност на национално ниво е најниска, но на регионално ниво има региони што се соочуваат со голема невработеност. Така, во периодот на изготвување на овој извештај, невработеноста во Североисточниот регион изнесувала 32 %; Полошкиот, 25 % и Југозападниот, 24 %.

Се наведува дека Североисточниот регион во периодот од 2009 до 2020 година има направено најголем прогрес во намалување на стапката на невработеност, која изнесувала 32 процентни поени, додека Полошкиот и Југозападниот регион имаат скромно намалување од три до девет процентни поени. Југоисточниот и Источниот регион имаат најниски стапки на невработеност од четири и од осум процентни поени.

„На слично ниво до националниот просек на невработеност (15,2 %) се Скопскиот, Пелагонискиот и Вардарскиот регион, со позначаен прогрес во намалувањето на стапката на невработеност“, се вели во Анализата.

Владата има изработено Стратегија за вработување (2021 – 2027) која вклучува и Акциски план за вработување (2021 – 2023) година, но според Анализата на Finance Think „иако стратегијата идентификува диспаритет на пазарот на труд во регионален контекст, не вклучува конкретна директна цел насочена кон намалување на нерамномерниот развој на пазарот на труд во осумте плански региони и меѓу нив“.

Дека вакви цели не содржи Стратегијата потврдува и Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров. Тој во изјава за порталот Работник рече дека и во некои други стратегии и анализи само се наведуваат разликите помеѓу регионите, но не се предлага ништо конкретно за истите да се намалат.

За разлика од нив, објасни Димитров, во Ревидираната програма за реформи во вработувањето и социјалната политика која од 2015 година се изработува во соработка и координација со Европската комисија, во делот за развој, модернизација и зголемување на атрактивноста на стручното образование и обука се предвидува воспоставување на Регионални центри за стручно образование. Истите, како што вели, треба извршат оптимизација на инвестициите во средното стручно образование преку прилагодување на потребите на пазарот на труд и потребите на локалните заедници, со што би се намалил јазот помеѓу понудата и побарувачката на вештини.

Постојат и други анализи изготвени од странски донатори за пазарот на труд на одредени региони во земјата. Во нив многу детално се анализираат постоечките состојби и предизвици со економскиот развој, пазарот на труд и другите карактеристики на регионот, подвлече Димитров.

„Но многу малку се предлагаат мерки за надминување на неусогласеноста на понудата и побарувачката на пазарот на труд која е евидентна“, дополни нашиот соговорник .

Еден од предизвиците, како што вели тој, е „недостигот на иницијатива за претприемништво и сопствено започнување на деловен подвиг“.

„Воопшто не се ни обидуваат да предложат мерки како да се надмине овој предизвик. Оваа состојба е карактеристична за скоро сите национални стратегии, анализи и програми“, вели Димитров.

Прашањето на пазарот на труд, објасни тој, од една страна, е тесно поврзано со економскиот развој и структурата на стопанството, а од друга, со системот на средно и високо образование.

„Со мерките за рамномерен развој треба да се обидеме да го запреме изумирањето на некои региони во земјава, а со реформите во образованието треба да го намалиме јазот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд во тие региони“, истакна Димитров.

Тој стравува дека со сѐ по-засиленото заминување на младите од Македонија, понеразвиените региони ќе се испразнат и ќе изгледаат како напуштените села.

За да се поттикне развојот на пазарот на труд во неразвиените региони, Димитров смета дека треба да се поттикне мобилноста на работната сила, на тој начин што работниците би патувале и подалеку од и до работа, но би го задржале своето место на живеење.

„Ова особено е можно во регионите каде е развиено земјоделието, каде покрај вработувањето во индустријата, работниците ќе можат да работат и на своите земјоделски имоти и така ќе остваруваат дополнителни приходи“, вели Димитров.

Наставните и студиските програми, според него, мора да се прилагодат на структурата на стопанството во одредениот регион, за да можат едновремено и младите лесно да се вработат и да останат да живеат во своето место.  

  

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk