Светот на работникот

Струмичкото средно стручно училиште ги запознава идните средношколци со наставните програми и условите за едукација

Карванот на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ чија цел е запознавање на идните средношколци со можностите и предностите на средното стручно образование, денеска е во Струмица. Стручното училиште „Никола Карев“ за полуматурантите од градот организира отворен ден на кој ги презентира наставните програми, компаниите со кои соработува и условите за едукација во рамки на училиштето.

На настанот присуствуваше заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу, кој рече дека средното стручно образование во земјава го враќа сјајот и атрактивноста кои некогаш ги имаше, преку подигнување на квалитетот на наставните програми, практичната обука и стимулативните можности кои ги обезбедува државата во форма на стипендии за сите ученици кои се запишуваат во дуални паралелки.

Повикувајќи ги идните средношколци да одберат средно стручно образование, информираше дека уписите започнуваат во средината на јуни, а новина е тоа што оваа година за прв пат аплицирањето ќе биде електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk.

Конкурсот за учебната 2022-2023 година предвидува отворање на 227 дуални паралелки, во кои практичната настава ќе се реализира со поддршка на над 450 компании кои практично ќе ги обучуваат учениците директно во производствените и организациските процеси. Проширувањето на концептот на дуално образование во речиси сите средни стручни училишта во државата е резултат на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ која МОН ја спроведува втора година по ред, со поддршка од Швајцарската амбасада и проектот „Образование за вработување“.