Вести

Токчсичната работна култура е погубна за компаниите!

Колумна на Бобан Кочовски, Магистер по трудово право и човечки ресурси

Токсичноста на работното место е тема која се повеќе се актуелизира во Република Македонија како на социјалните медиуми, така и на класичните медиуми. Оваа тема предизвикува сериозен револт помеѓу работниците, токму поради тешкотиите со кои тие се соочуваат на дневно ниво, односно поради трпењето на своите токсични претпоставени (независно дали се работи за менаџери, директори, сопственици, акционери и сл.).

Токсичната работна култура како феномен е мошне добра за анализа од аспект на деструктивната природа токму кон самите компании, па воопшто и не чуди фактот дека успешните компании сериозно се посветуваат на елминирање на секоја потенцијална закана која би придонела да се развие токсичност на работното место. Успешните компании многу добро знаат дека самите тие се составени од стотици, па и илјадници вработени, кои во суштина се “душата“ на компанијата, и дека токму нивната среќа и задоволство се од пресудно значење кога една компанија посакува долгорочен успех.

Но, за жал, голем број на компании во Република Македонија сеуште не ја сфаќаат серозноста на оваа појава па наместо да ги решаваат проблемите од корен, тие се решаваат на, во најмала рака, сомнителни и нелогични чекори, односно наместо да се посветат на вработените, тие употребуваат методи кои припаѓаат во феудалното општество!

Таквите методи придонесуваат за секој работник кој што е дел од такво работно опкружување да ја загуби својата мотивираност, како и продуктивност, со што компанијата се соочува со сериозен проблем. Најчесто во таквите ситуации работодавачите проблемот не го гледаат во себе, туку исклучиво во намалената продуктивност на вработените, со што тие дополнително се служат со феудалните методи на “владеење“ (управување со компанијата), оставајќи ги своите вработени разочарани и гневни поради таквата состојба. Ова во пракса повлекува друг ефект, а тоа е ширењето на негативен публицитет помеѓу пријателите и роднините на вработените во таквите компании, во последно време и обзнанување на таквите состојби по социјалните медиуми и класичните медиуми, со што компанијата полека но сигурно го губи имиџот и се стекнува со негативен публицитет. Таквиот негативен публицитет ги намалува шансите за таквите компании во иднина да го задржат својот постоечки кадар, но и да вработат нов, квалитетен кадар, со што самата егзистенција на компанијата се става на ризик.

Реалноста е дека несериозни и деструктивни компании и “менаџери“ постоеле и ќе постојат, но факт е дека новите генерации кои што допрва влегуваат на пазарот на трудот се се’ помалку склони кон трпење на таквите состојби и се решаваат што поскоро да ги напуштат истите, додека претходно споменатите компании остануваат со потпросечен кадар кој што не би можел да го понуди она што е навистина потребно за успех.

Топла препорака за сите компании е да се вложува во среќата на своите вработени, да не се применуваат методи кои треба да останат во минатото и да се вреднува секој еден вработен. Само така и вработените и компаниите ќе можат заедно да просперираат и да бележат успеси.