Мобилност на административните службеници
Рубрика трудово и социјално право
Тема: Мобилност на административните службеници
Во Законот за вработени во јавниот сектор е дефинирана мобилноста на вработените во овој сектор. Според законот, мобилноста претставува хоризонтално движење на вработениот (административен службеник) од едно работно место на друго, но во рамките на иста група на работни места.
Ова означува дека согласно актот за систематизација вработениот може да биде преместен односно распореден на работно место на исто ниво и на работно место за кое ги исполнува општите и посебните услови утврдени во самиот акт на систематизација на институцијата во која се распределува.
Па така вработениот на негово лично барање или пак на барање на институцијата во која работи може да биде трајно распределен на работно место кое според нивото одговара на неговото работно место согласно неговите квалификации и за кое ги исполнува условите, а е во рамките на истата институција.
Додека пак поради времено зголемен обем на работа, административниот службеник може да биде привремено распределен на друго работно место за кое ги исполнува условите, а тоа да е на барање на некоја друга институција.
ПРАВИЛНО е да се смета дека пред пристапување на вакво распределување е потребна согласност од страна на административниот службеник и на раководните лица во институциите. Решението за времено распределување ако е за најмалку еден месец, а најмногу до една година го носи раководниот орган во институцијата во која е вработен.
ПОГРЕШНО е да се смета дека мобилноста на админстративните службеници може да се користи како начин на пресметување со “непослушните” вработени и дека под оправдување за мобилност, вработените да бидат распределени на работни места кои се несоодветни за нивните квалификации, односно деградирани.
Проф. д-р Лазар Јовевски

