ПравдаСветот на работникот

Филипче: Здравствените и нездравствените работници ќе добијат награда во висина од 20 % на плата

Врз основа на проценките, врз основа на разговорите и секако потребата одлучивме да се додели парична награда за сите здравствени и нездравствени работници коишто беа вклучени и сеуште се вклучени во работа со пациентите заболени од коронавирусот во нашата земја, доктори, медицински сестри, но и нездравствени работници – болничари, транспортери, возачите во службата за итна медицинска помош ќе добијат награда од 20% од основната плата за два месеци во сите Јавно-здравствени институции, болниците, институтите каде се правеа испитувањата, здравствените домови коишто го организираа транспортот итн. Никој нема да биде изоставен, сите се земени во предвид. Начинот на исплата ќе биде со платежната картичка за што повеќе информации ќе може да даде министерството за финансии“, рече Филипче на вчерашната прес – конференција.

На прес-конференцијата, министерот Филипче информираше дека се анализира состојбата со епидемијата во земјата и овие изминати денови нешто зголемениот број на новодијагностицирани случаи. Заедничка констатација на Комисијата за заразни болести е дека и покрај ова – епидемијата е под контрола. Бројот на активни случаи е стабилен, голем дел од потврдените се веќе од познати кластери, а дел од заразените се инфицирале при групирање на приватни собири. 91% од здравствените работници се оздравени и со тоа практично целокупниот дел на човечки капацитет на здравството е на располагање и е функционален. Не постои ниту едно одделение или институција каде е компромитирана работата заради недостаток на здравствени или нездравствени работници. Заклучокот на комисијата е дека голем број на новодијагностицирани случаи на дневна основа е резултат на олабавување на мерките и поголемото движење на граѓаните и тоа е впрочем случај и во соседните земји, но и во повеќе други земји во Европа и во светот. Тоа не е неочекувано, има зголемен број на новозаразени во Бугарија, Албанија има во Србија, во Босна и Херцеговина.

„Првата битка ја добивме, но борбата не е завршена. Успешно го амортизиравме првиот удар. Ја стабилизиравме состојбата во земјата со контролираниот број на нови случаи и во ниту еден случај не се преоптерети капацитетот на ниту една институција, болница. Сето тоа беше резултат на мерките кои ги донесовме во насока на заштита на здравјето на граѓаните. И отсега натаму со строго почитување на сите мерки и препораки може да ја задржиме епидемијата под контрола. Рестриктивните мерки се опуштаат секаде, со цел полека враќање на животот во нормала. Економијата заживува и како секаде во светот почнуваме да живееме понормално. Но, ова може да го одржиме само ако сите граѓани ги почитуваат мерките, а институциите ги спроведуваат контролите и никако поинаку. Здравствените работници, институции не можат сами. Не можеме ништо да постигнеме ако мерките кои се на сила не се почитуваат, а зголемен број на случаи може да е лошо за економијата, работните места, и секако за здравјето. Ние тоа не смееме да го дозволиме. Комисијата за заразни болести минатата недела донесе предлог план за намалување на рестриктивните мерки со соодветни протоколи за работа.“ – изјави министерот Филипче и додаде дека „вирусот е тука и никој од нас не е имун. Коронавирусот нема да исчезне, ќе биде присутен се додека не се стекне имунитет. Тоа значи дека сите ние мора да се навикнеме да ги почитуваме сите мерки за лична заштита и да живееме со вирусот. Мора да ги вршиме сите дневни обврски, грижејќи се за своето здравје, но и за здравјето на другите“.

Сите стопански гранки, организации, граѓани, групи, секој поединец е дел од оваа борба без исклучок. Сите треба да се прилагодат на новата реалност и само така постепено ќе го враќаме животот во нормала. Доколку доследно се почитуваат сите овие мерки се очекува и понатамошна стабилизација на ширење на вирусот. Министерот Филипче рече дека најголемата опасност за пренесување на вирусот според информациите кои се добиваат секојдневно се групни собирања и упати апел до граѓаните да се воздржат од вакви собири.

„Сите досегашни студии, но и искуства од други епидемии, податоците кои доаѓаат од Кина, покажуваат дека вирусот многу веројатно ќе има и втор бран. Ние за ова се подготвуваме согласно консултациите кои ги имаме со повеќе земји, СЗО, но и поединечни случаи од повеќе земји во светот. Започнуваме голема инвестиција во здравствениот систем и ги зајакнуваме одделенијата за интензивна нега ширум земјата. Се подготвуваме за вториот бран на есен и ќе го дочекаме поподготвени за да го заштитиме здравјето на граѓаните. Ќе ги опремиме сите одделенија за интензивна нега за да се даде соодветна здравствена заштита. Покажавме што значи да се работи во интерес на граѓаните и како одговорно и навремено се делува во случај на криза. Покажавме дека умееме одлично да се носиме со големите предизвици и кризи и тоа уште подобро ќе го правиме кога и да го имаме пред нас повторно предизвикот за заштита на јавното здравје и секако граѓаните“, потенцираше министерот Филипче.