СветСветот на работникот

Францускиот премиер сака да укине два државни празника – наиде на жестоки осуди и обвинувања

Францускиот премиер Франсоа Бајру се најде на удар на критики откако предложи укинување на два државни празника – Велигденскиот понеделник и 8 Мај, Денот на победата над фашизмот – со цел намалување на јавните трошоци и пренасочување на повеќе средства кон одбраната.

Идејата беше презентирана за време на дебатата околу предлог-буџетот за 2026 година, кој содржи низа рестриктивни мерки како замрзнување на јавната потрошувачка, кратење на даночни олеснувања за богатите, намалување на бројот на јавни службеници и значително зголемување на буџетот за одбрана.

„Ако сакаме да останеме на вистинскиот пат, мора да најдеме над 40 милијарди евра“, изјави Бајру, повикувајќи се на потребата за кратење 43,8 милијарди евра од буџетот со цел да се контролира јавниот долг кој, според него, расте за 5.000 евра во секунда.

Најконтроверзниот дел од неговиот говор беше токму предлогот за укинување на двата празника. Бајру тврдеше дека Велигденскиот понеделник „нема религиозно значење“, а месец мај, поради големиот број неработни денови, го нарече „швајцарско сирење со многу дупки“. Тој додаде дека е отворен за други идеи, но инсистираше дека Франција мора повеќе да работи и произведува.

Предлогот веднаш предизвика бурни реакции. Националното обединување (RN), десничарска партија предводена од Марин Ле Пен, го обвини Бајру дека ги „напаѓа француската историја и работниците“, а Зелените изразија жалење што денот на победата над нацизмот би бил избришан како празник. Жан-Лик Меланшон од радикалната левица Непокорна Франција (LFI) побара оставка од премиерот.

Бајру, кој е премиер од декември по краткиот мандат на Мишел Барние, изјави дека е подготвен да ризикува дури и да му изгласаат недоверба. „Сакаме вистински промени за да ги обновиме јавните финансии“, рече тој.

Француската влада има цел да го намали дефицитот од минатогодишните 5,8% на помалку од 4,6% во наредната година, а потоа на под 3% до 2029 година. За таа цел, буџетот за 2026 година предвидува зголемени трошоци за одбрана од 3,5 милијарди евра, а потоа уште 3 милијарди евра во 2027.

Политичката нестабилност во земјата дополнително го усложнува спроведувањето на овие мерки. Францускиот парламент е длабоко поделен на три блока кои одбиваат меѓусебна соработка, а можното отфрлање на буџетот оваа есен може да доведе до паѓање на владата. Доколку се случи тоа, претседателот Емануел Макрон ќе биде принуден да именува нов премиер или да формира технократска влада – сценарио кое никој не го посакува.

Во меѓувреме, популарноста на Макрон падна под 25%, а се погласни се повиците за негова оставка пред завршувањето на вториот мандат во 2027 година.

Извор: EUpravo zato / BBC