Светот на работникот

До која мера може да се користи вештачката интелигенција кога се пишува CV или мотивациско писмо?

Околу 65 % од кандидатите за работа користат вештачка интелигенција во текот на процесот за аплицирање на ново работно место, покажуваат податоците објавени на CNBC Make it. 19 % од нив ја користат за пишување на CV, a 20 % за пишување на мотивациско писмо.

За Македонија нема податоци, но професионалците од областа на човечките ресурси велат дека вештачката интелигенција се користи и кај нас за овие цели. Понекогаш и претерано.

„Да бидам целосно искрена, денес сѐ почесто сведочиме на претерана употреба на вештачката интелигенција при креирање на CV-а. Речиси и да не се сеќавам дека сум видела, генерално земено, подолг текст кој се чини напишан од човек во последниве година – две и тоа е навистина разочарувачки“, рече Викторија Дамчевска, Потпретседател на операции во ePeople HUB и професионалец од областа за човечки ресурси во интервју за портал Работник.

Според неа, суштината на користењето на вештачката интелигенција не е за креирање на целосните документи, туку за оптимизација и полирање или структурирање.

„Текстот треба да биде напишан од нас, ние да сме автентичните негови креатори. Па истото важи и за CV – то и мотивациското писмо. Преголемо е искушението за користење на генерираниот текст од ВИ. Пишуваш prompt (команда), излегува текст за неколку секунди, го прилагодуваш и готово, имаш CV за помалку од две минути. Сепак, клучното прашање е: дали тоа навистина си ти? Дали тој текст го носи твојот личен тон и искуство или е само уште еден стерилен опис кој звучи како илјада други на LinkedIn?

Впечатокот е ист и од другата страна, вели Дамчевска и додава дека откако излегол чатџпт кандидатите изгледаат совршено на хартија.

„Нормално кандидати се разликуваат во живо и процесот дополнително се усложнува. Разбирам зошто е тоа така, кандидатите сакаат да имаат што е можно повеќе шанси за да бидат викнати на интервју. Регрутерите и HR менаџерите користат вештачка интелигенција во селекција и целосно разбирам зошто и кандидатите би го „возвратиле ударот“. Но, ако мора да дадам мое нефилтрирано мислење и совет, помагањето е целосно во ред, за инспирација, за реструктура, за мислата да звучи појасно, за поправање на грешки“, истакна Дамчевска.

Границата, рече нашата соговорничка е автентичноста. Сѐ што потекнува од нас, што нѐ отсликува и нѐ претставува е во ред.

Сè што не можеме да го препознаеме како наше, не е. Полирањето на говорот, сѐ дури е тоа нашиот говор, а не безначенски и празен текст е во ред. За нашето CV и мотивациско писмо мора ние да сме центарот, ние и нашиот глас“, заклучи Дамчевска.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk