Сезонските работници во Германија ќе добиваат целосна минимална плата
Во Германија, сите работници – вклучувајќи ги и сезонските ангажирани во земјоделството – имаат уставно загарантирано право на минимална плата. Како што соопшти германското Министерство за земјоделство, за оваа категорија на работници нема да има исклучоци, поради принципот на еднаквост што е загарантиран со Уставот.
Иако министерот за земјоделство Алојз Рајнер разгледувал предлози од работодавачите за воведување на одредени отстапки, правната анализа покажала дека тоа не е возможно. Земјоделските здруженија предложиле сезонските работници да добиваат 80% од минималната плата, но Министерството за труд го одбило овој предлог како правно неодржлив.
Минималната плата важи за сите форми на вработување, вклучително и за привремените и сезонските ангажмани. Минималецот ќе се зголемува во две фази и до крајот на следната година ќе изнесува 14,60 евра по час.
Министерот Рајнер призна дека зголемувањето на минималната плата претставува сериозен финансиски предизвик за фармите кои во голема мера зависат од рачна работа – како што е бербата на овошје и зеленчук.
Со цел да се ублажи товарот врз земјоделските производители, државата планира воведување олеснувања, како што се намалување на административните трошоци, пониски давачки за струја, како и поврат на субвенции за дизел гориво што се користи за земјоделска механизација.
Министерот истакна дека е неопходно да се најде рамнотежа меѓу заштитата на правата на работниците и одржливоста на домашното земјоделство, за потрошувачите и натаму да имаат пристап до квалитетна и достапна храна.
Извор: M.A./EUpravo zato/biznis.rs

