Хелсиншкиот комитет регистрирал 88 прекршувања на работничките права на текстилните работнички во ноември
Изминатиот месец Хелсиншкиот комитет регистрирал 88 случаи на прекршување на работничките права на текстилните работнички и поднел четири барања за вонреден инспекциски надзор во текстилни фабрики за прекршувања на работничките права на текстилните работнички. Во еден од случаите станува збор за неисплатени плати.
-Работодавачот не им исплатил на работниците плати за јули, август, септември и ноември. Во два од случаите станува збор за неисплаќање минимална плата согласно со закон. Работодавачите во овие случаи на вработените им исплаќале пониски плати од законски утврдената минимална плата за септември и октомври. Во последниот случај, работодавачот склучил договори за вработување со своите вработени на скратено работно време од 4 часа, а вработените работеле полно работно време од 8 часа, се вели во извештајот за ноември од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Текстилните работнички, потенцираат од Хелсиншкиот комитет, и натаму остануваат една од најранливите категории граѓани чии работнички права се најподложни на прекршување за време на пандемијата предизвикана од КОВИД-19.
Од Комитетот апелираат Државниот трудов инспекторат навремено и ефикасно да постапува по поднесените барања за инспекциски надзор, почитувајќи ги законските рокови за постапување и известување на подносителот на барањето од Законот за инспекциски надзор.

