ШТО ПОСЛЕ ОТКАЗ ОД РАБОТА? – СОВЕТИ НА БИЛЈАНА ЧКЛАМОВСКА ОД „ХТЛ МАКЕДОНИЈА“
Сте добиле отказ од работа и сега сте во ситуација во која не знаете што да правите. Имате наплив на негативни емоции, мислите дека не сте доволно квалитетни. Надоаѓа депресијата…
Ова се работи со кои се соочуваат речиси сите луѓе. Ретко кој не бил отпуштен од работа, дали поради тоа што можеби не се покажал како доволно добар или од деловни причини (технолошки вишок).
Токму поради ова, редакцијата на порталот Работник ѝ се обрати на Билјана Чкламовска, Legal/HR и Менаџер за правна усогласеност и етичко однесување во „ХТЛ Македонија“, дел од групацијата „Новоматик“.
Главното прашање коешто си го поставивме како редакција – „Што после отказ“, ѝ го поставивме и на нашата соговорничка, која имаше многу да каже на оваа тема, со оглед на тоа што со децении се бави со човечките ресурси.
Чкламовска се врати на почетокот на овој век, кога работела во Агенцијата за вработување, каде секојдневно се сретнувала со луѓе кои останувале без работа.
Многу ѝ е познато, вели таа, дека ваквата промена предизвикува голем стрес, па навраќајќи се повторно на тоа време, додаде дека тоа биле други времиња, кога стапката на невработеност била огромна.
„Скоро половина од работоспособното население (над 47 %) беше невработено, а пазарот на труд со очајно слаба понуда, па за тогашните генерации работници, отказот значеше почеток на голгота и борба за обезбедување основни услови за егзистенција“, раскажа Чкламовска.
За разлика од тогаш, денес ситуација е многу поинаква, констатира нашата соговорничка. Стапката на невработеност е значајно пониска (14,7 %), а пазарот на труд, земајќи го во предвид тука и глобалниот, до кој во денешно време речиси сите имаат пристап, е полн со понуди.
„Новите генерации работници зборуваат јазици, владеат компјутери, имаат поголема самодоверба и самопочит. Не им е проблем да дадат отказ и да побараат работа спрема нивните потреби и квалификации, не им е проблем да работат од дома или од далечина (remotely)“, укажа Чкламовска.
Отказот може да го доживее секој, посочи нашата соговорничка. Таа сретнала многу малку луѓе кои никогаш не добиле отказ, а како што вели, денес ѝ се чини дека е невозможно човек да остане во една компанија во текот на целиот работен век.

Колку и да им се чини на луѓето дека се вработиле во најдобрата компанија и колку и да се посветени, лојални и вредни работници, поради одредени околности, може да останат без работа и да се почувствуваат разочарано и изневерено.
„Лично сметам дека промените носат нов квалитет во животот. Затоа ќе ви го цитирам индискиот научник и поранешен претседател А.П. Абдул Калам: ‘Сакајте си ја својата работа, немојте да ја сакате вашата компанија, бидејќи не знаете кога компанијата ќе престане да ве сака вас’“.
„Не барајте виновници“
Стресот од промена, нашата соговорничка вели е неизбежен и нормално е оние луѓе кои добиле отказ да бидат анксиозни првиот ден, недела или месец, без разлика на тоа дали истиот е даден или примен.
Добро е во вакви моменти луѓето да се самокритични и да си ги согледаат слабите страни, порача таа и предупреди дека нема да си помогнат на себе ако претераат обвинувајќи се себеси, а нема ниту да им помогне и другата крајност, односно барањето на виновник за тоа што им се случува.
„Стравот од неизвесноста, исто така, е нормална реакција, но не дозволувајте тој да ве зароби и да ви ја помати моќта на расудување, туку обидете се да го насочите позитивно, ситуацијата да ја сфатите како нов предизвик и да се фокусирате на правење план како да го надминете“, советува Чкламовска.
Според Чкламовска, најважно од сите работи е луѓето кои поминуваат низ вакви „турбуленции“ да бидат психолошки подготвени, да не паѓаат со духот и да не се самосожалуваат – туку да ја зголемуваат самодовербата, бидејќи, како што вели таа, ‘секое лошо – за арно е’.
„Не е страшно да паднеш, ако умееш да станеш, да застанеш на нозе и да продолжиш понатаму“, вели таа.
Советува дека е потребна само добра организација на слободното време и новата работа ќе дојде, а порача и дека малку одмор нема да штети.

Составете две листи
Нашата соговорничка препорачува составување на две листи. На првата листа да бидат наведени сите негативни работи што им предизвикувале нервоза на луѓето на работното место и истата да ја читаат кога ќе им падне самодовербата и кога им е тешко што не се на работа.
Втората листа да биде составена од позитивни работи што можат да ги прават, а не можеле претходно, бидејќи немале слободно време – работи кои ќе им бидат нови извори на самодоверба, неповрзани со кариера, а за кои нема да им требаат одредени финансиски средства – будење без аларм, пиење кафе во пижами, без брзање по градскиот метеж, излегувања со друштво, шетање по кеј, возење велосипед, планинарење, вежбање, јога, танц, читање книги и слично.
На оние кои имаат финансиска можност, Чкламовска им порачува да се запишат на некој курс што ги интересира – на тој начин ќе можат да ги збогатат нивните вештини и квалификации и да ги зголемат шансите за наоѓање подобра работа.
„Работете на себе, вложувајте во себе, вашето знаење, вашите работни способности, вашето работно искуство се само ваши и никој не може да ви ги земе“, укажа Чкламовска.
Доколку има потреба, искористете ги правните средства за заштита на работничките права
Чкламовска ги советува сите оние што сметаат дека им е прекршено некое право, да напишат приговор до работодавачот и да му го испратат во рок од 8 дена. Доколку добијат негативен одговор или не добијат воопшто одговор, можат да побараат судска заштита пред надлежен суд во рок од 15 дена. Вкупно 23 дена по отказот е максималниот рок за тужба, алармира Чкламовска, додавајќи дека мора да се запази степеноста на постапката – не може да се поднесе тужба без приговор.
Доколку отказот им е даден поради деловни причини, поради претанок на работодавачот (стечај или ликвидација) или доколку не им е продолжен договорот што бил склучен на определено време, Чкламовска апелира да ги соберат сите потребни документи и да се пријават во Агенцијата за вработување, од каде треба да побараат паричен надоместок што им следува по овие основи, ако имаат стаж најмалку 9 месеци без прекин или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци.
„Ова мора да го сторите во рок од 30 дена по добивањето на отказот. Паричниот надомест што изнесува половина од просекот на вашата плата, ќе ви помогне финансиски, да го пребродите периодот додека да најдете друга работа“, вели Чкламовска
„Надежта последна умира“ – продолжете да барате работа
По смирувањето од стресот, Чкламовска советува наоружување со позитивна енергија, составање добро CV и креирање на LinkedIn (линкедин) профил.
„Известете ги сите ваши роднини, пријатели и познаници дека барате работа. Не се знае кој се може да ве препорача некаде. Дајте си задача: секое утро, пиејќи го првото кафе или чај, да почнете потрага по порталите за вработување, прегледувајте огласи и јавувајте се на секој оглас што ќе ве заинтересира“, апелира Чкламовска.
Таа вели оти луѓето не треба да мислат дека сите огласи се „наместени“, бидејќи за „наместените“ работни места, работодавачите обично поднесуваат само ППР (пријава за потреба од работник) во Агенцијата за вработување, со оглед на тоа дека ги обврзува Законот. На интернет порталите пак, вели таа, навистина се бараат работници.
„Размислете, кој работодавач би плаќал оглас за вработување ако веќе има најдено работник за определеното работно место“, порача Чкламовска.
Работата од соништата нема да дојде веднаш, истакна Чкламовска, советувајќи ги да не бидат суетни и ограничени и да започнат да работат нешто хонорарно или некоја привремена работа – тие можат да им помогнат да го премостат периодот додека не ја најдат посакуваната работа.
Интернет, објасни таа, е полн со портали кои нудат хонорарни работи, а тука се и познаниците преку кои можат да дознаат дали некој нуди работа за чување на дете, чистење, хортикултурни активности, давање инструкции, келнери, шанкери, продавачи и слично.
Секогаш покорисно и подобро, но и позабавно е движењето меѓу луѓе, отколку затворањето во четири ѕида, посочи Чкламовска. Како што вели, дома никој нема да ги побара, а и никогаш не се знае со кого ќе се запознаат надвор и кој може да ги забележи.
„Можеби вашиот нов работодавач ќе биде некој што ќе биде задоволен од вашата услуга. Секој нов човек, секој нов ден би можел да ви донесе работа“, вели нашата соговорничка и додава:
„За крај, би сакала да споделам една убава мисла што ја прочитав во некоја книга, но за жал не можам да се сетам во која…. дека во животот сите жонглираме со пет топчиња. Четири од нив се стаклени: топче – здравје, топче – семејство, топче – љубов, топче – пријателство. Само едно топче е гумено – работата. Внимавајте како ќе жонглирате со стаклените, бидејќи тие ако паднат можеби ќе се скршат засекогаш. Гуменото топче ако падне, ќе отскокне, а можеби ќе отскокне и повисоко“.
- ЧЕТИРИДНЕВНАТА РАБОТНА НЕДЕЛА ПО ДЕСЕТ ЧАСА ДНЕВНО БИ МОЖЕЛА ДА СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА КАЈ НАС – „Подобро е да го земеме примерот од Полска“ - 10/09/2025
- НАДОМЕСТОК ЗА БАБИТЕ И ДЕДОВЦИТЕ КОИ ЧУВААТ ВНУЦИ И ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА ПО ГРЧКИ МОДЕЛ ВО МАКЕДОНИЈА? - 07/09/2025
- Тезата „Продуктивноста мора да се зголеми, за да растат платите“ резултира со недостиг на работници - 01/09/2025