Штрајкот во основното и средното образование продолжува – 388 од синдикалните организации се за продолжување на штрајкот
Бобан Илијевски
Генералниот штрајк во основното и средното образование продолжува, додека во градинките ќе биде ставен на мирување, информираше денеска Претседателот на СОНК Јаким Неделков, по завршувањето на седницата на Советот на СОНК.
Како што рече, повеќе од 380 од синдикалните организации се изјасниле штрајкот да продолжи, додека останатиот дел, кои се вработени во градинките, се изјасниле за прекин на штрајкот.
Од вкупно 480 синдикални организации коишто дадоа податоци за нивното изјаснување, 388 беа за продолжување на штрајкот од утре, а само 83 беа за прекинување на штрајкот. Најголемиот дел од вработените кои се изјаснија за прекинување на штрајкот се синдикални организации од детската заштита, а без исклучок најголемиот дел кои се за продолжување на штрајкот се колегите и колешките од основното и средното образование, рече Неделков.
Неделков најави и дека поради големото незадоволството на членството, СОНК ќе одржи масовен протест пред Владата на 4 мај.
Имено, денеска пред СОНК во знак на протест се собраа неколку стотици членови на синдикатот кој беа против прифаќањето на понудата на Владата од 12 %, за која се дискутираше вчера.
Сепак, штрајкот во основното и средното образование продолжува се до постигнување на заедничко прифатливо решение. Ова значи дека СОНК и Владата ќе треба да седнат повторно на преговарачка маса и да изнајдат решение кое би било прифатливо за најголем дел од синдикалните организации.
Од Владата и вчера и денеска изразија надеж дека учениците ќе се вратат во училишните клупи, но нивната надеж по се изгледа дека ќе почека.

