Штрајк во Луфтханза: Запираат летовите од Франкфурт и Минхен
Кабинскиот персонал на „Луфтханза“ е повикан на штрајк во петок, 10 април, кој треба да трае од 00:01 до 22:00 часот, соопшти синдикатот УФО. „Ќе бидат опфатени сите поаѓања на Луфтханза АГ од аеродромите Франкфурт и Минхен“, наведува синдикатот. Тоа се главните хабови на „Луфтханза“, па на многу патници им се закануваат откажувања на летови.
Освен тоа, ќе бидат погодени и „сите поаѓања на Луфтханза СитиЛајн од аеродромите Франкфурт, Минхен, Хамбург, Бремен, Штутгарт, Келн, Диселдорф, Берлин и Хановер“, најави синдикатот.
На гласањето спроведено кон крајот на март, кабинскиот персонал на матичната компанија „Луфтханза“ и на регионалната подружница СитиЛајн со големо мнозинство се изјасни за штрајк. Во матичната компанија околу 94% од стјуардите и стјуардесите гласаа за штрајк, а во СитиЛајн речиси 99%.
„Свесно ги изоставивме велигденските празници од штрајкувачките активности за да го намалиме влијанието врз патниците колку што е можно повеќе. Свесни сме дека и покрај тоа може да дојде до нарушувања при враќањето од одмор и искрено жалиме за тоа“, се вели во изјава на претседателот на УФО, Јоаким Васкез Биргер. Според него, штрајкот можел да се избегне – „одговорноста е кај Луфтханза, која досега не успеа ни да понуди предлог погоден за преговори“.
Луфтханза бара продолжување на разговорите
Одржливи решенија може да се најдат само преку дијалог, а штрајковите треба да бидат последно средство, соопшти Луфтханза вчеравечер (8.04). „Затоа го повикуваме синдикатот повторно да ги започне разговорите со нас. Ние сме подготвени во секое време.“
Новиот повик за штрајк од синдикатот УФО „особено силно ги погодува нашите патници кои се враќаат на крајот од велигденските празници“, соопштија од Луфтханза. Патниците, доколку е погоден нивниот лет, ќе бидат автоматски известени за тоа.
Спорот се води околу колективните преговори за општиот тарифен договор во „Луфтханза“ и, според УФО, поради недостиг на подготвеност од компанијата да преговара за социјален договор во СитиЛајн. Од тоа зависат околу 800 работни места. Според менаџментот, летачките операции на регионалната подружница треба да завршат следната година, а на нејзино место ќе дојде нова компанија со слично име – Луфтханза Сити Ерлајнс.
Извор: ДВ

